ГРУПА Г: Египет ќе ја предизвика Хрватска, САД и Мароко на двобој за главна рунда

24Ракомет ви ги претставува учесниците на Светското првенство што ќе се одржи во Полска и Шведска

Во групата Г на 28-то Светско првенство, кое од 11 до 29 јануари ќе се одржува во Полска и Шведска, ќе играат репрезентациите на Египет, Мароко, Хрватска и САД.

Главен фаворит во оваа група е Хрватска, која отскокнува со својот квалитет во поглед на останатите три ривали, од кои Египет е најсериозна закана за првата позиција во групата Г.

Меѓусебниот дуел меѓу Мароко и САД би решавал кој од овие две репрезентации ќе патува во следниот круг.

Оваа група, заедно со групата Ц, е една од полесните на Мундијалот, барем на хартија.

Натпреварите од групата Г ќе се играат во Шведска, во градот Јончепинг.

🇪🇬 ЕГИПЕТ 🇪🇬

Селекцијата на Египет, откако не успеа да обезбеди пласман меѓу најдобрите четири репрезентации на претходниот Мундијал, иако како домаќин беше фаворизирана во однос на некои репрезентации, сепак, на ова Светско Првенство „фараоните“ имаат шанса групата да ја минат со три победи и да пренесат максимален број на бодови во следната фаза од шампионатот.

Почнувајќи од 1964 година, Египет учествувал на 16 изданија на Мундијалите. Четвртото место во Франција 2001 сè уште останува најдобриот резултат за Египет во неговата истторија, иако неговиот успех беше проследен со пад, „фараоните“ во последните година имаат евидентен напредок.

На Светското првенство во 2019, на кое Германија и Данска беа домаќини, Египет го обезбеди својот најдобар пласман во последните 20 години, завршувајќи на 8 место, а две години подоцна, односно на Мундијалот, во негова организација, заврши на 7. позиција, со што покажа дека е незгоден тим за секоја репрезентација.

Ракометарите на Египет стекнаа големо драгоцено искуство на настапите во последните пет-шест години. Во јули 2022 година, тие го освоија африканскиот шампионат, откако во финалниот меч целосно ги надиграа Зеленортските Острови со 37:25.

Импресивните резултати во последните години беа постигнати под водство на Роберто Гарсија Парондо, кој беше назначен за селектор на египетската репрезентација во текот на 2019 година. Со Шпанецот на чело, Египет почна да игра модерен ракомет и низата добри настапи на големите меѓународни натпревари секако ја зголемија самодовербата на тимот, кој ќе атакува на добар пласман на Мундијалот.

Селектор: Роберто Гарсија Парондо

Клучни играчи: Јахја Ел Дера (среден бек), Мохамед Мамду (пивот), Али Зеин (лев бек)

🇺🇸 САД 🇺🇸

Машката репрезентација на САД на Светското првенство 2021 требаше да направи камбек на најголемата сцена, но по тренинг кампот во Данска, сè се промени, со појава на Ковид 19 во тимот што ги принуди САД да се повлечат од учество од Мундијалот во Египет. Тоа беше голем удар за играчите и стручниот штаб, кои се подготвуваа за првото учество на натпреварувањето по пауза од 20 години.

САД билетот за настапот на Светското првенство во Полска и Шведска го обезбеди со освоеното прво место на шампионатот на Северна Америка и Кариби. Ракометарите на САД во финалето славеа против Гренланд со 32-26 и по пауза од 22 години обезбедија пласман на Мундијалот.

Во својата историја, САД има учествувано шест пати на Мундијалот и на сите настапи не успеа да оствари победа. За нив, ракометот се уште е аматеризам, иако во репрезентацијата на САД има многу истакнати играчи кои играат во Германија, Шведска, Норвешка, Грција, Австрија, Унгарија, Шпанија… но сепак, не се толку квалитетни за да претставуваат закана за ракометните земји.

Селектор: Роберт Хедин

Клучни играчи: Сам Ходерсен (лево крило), Абу Фофана (лев бек), Александре Чан Бланко (среден бек)

🇭🇷 ХРВАТСКА 🇭🇷

Репрезентацијата на Хрватска ќе има големи очекувања од настапот на Светското првенство во Полска и Шведска. Лошиот резултат на минатиот Мундијал, на кој Хрватска го забележа најлошиот пласман во својата историја, завршувајќи на 15 позиција е веќе архивиран. Избраниците на Хрвоје Хорват имаат група по мерка, доволно за да пренесат максимален број на бодови во следната фаза, во која ќе играат против поквалитетни репрезентации.

По неуспехот во Египет, дојде до промена на селекторската функција во редовите на „коцкестите“ па така на местото на екс тренерот на Металург, Лино Червар седна Хрвоје Хорват, кој падна на првиот тест, бидејќи Хрватска не обезбеди настап на Олимписките игри во Токио.

Сепак, раководството на Ракометниот сојуз на Хрватска му даде целосна доверба на Хорват да ја води репрезентацијата, која на Мундијалот во Полска и Шведска ќе настапи со еден од најдобрите ракометари на светот, искусниот Домагој Дувњак, како и со двајцата поранешни членови на Вардар – Игор Карачиќ и Лука Циндриќ.

Хрватска последниот медал на Мундијалите го освои во 2013 година кога заврши на трето место. Хрватите на Мундијалот во 2015 завршија на 6. позиција, две години подоцна во Франција беа четврти, додека во Германија и Данска (2019), повторно беа на 6. позиција.

Селектор: Хрвоје Хорват

Клучни играчи: Домагој Дувњак (лев/среден бек), Лука Циндриќ (среден бек), Игор Карачиќ (среден бек)

🇲🇦 МАРОКО 🇲🇦

Мароко на Мундијалот ќе го има 7-то учество на големиот светски настан. Ракометарите на Мароко немаат импресивни резултати од Мундијалите, секогаш завршувале од 20 до 30 место, а 17 место во далечната 1999 година е нивниот најголем успех на шампионатот.

Репрезентацијата на Мароко на Мундијалот во Египет (2021) заврши на 29. позиција од вкупно 32 учесници, со биланс од пет порази и една победа, против Јужна Кореја, со резултат 32:25. Сега Мароко има голема шанса да обезбеди пласман во следната фаза, бидејќи за конкурент за 3. позиција во групата Г ја има селекцијата на САД.

Селектор: Нуредин Бухдиоуи

Клучни играчи: Резуки Реида (десно крило), Насим Фугани (десен бек), Мохамед Езин (лев бек)