Големиот борец со „последен танц“ – По 26 години играње ракомет, Миркуловски кажува КРАЈ!

Поранешниот македонски репрезентативец Филип Миркуловски денеска ќе го одигра последниот натпревар во богатата кариера.

Таа започна во 1996 година во тимот на Македонија, пред во 2003 да се пресели во тимот на Металург. До 2015 година беше член на составот од Автокоманда, со тоа што една сезона мина на позајмица во Младост Богданци.

Кога се пресели во Металург, дебитираше и за националниот тим на Македонија, а со младинската репрезентација беше дел од ЕП во Полска во 2002 година на кое беше остварен најголемиот успех – четврто место.

До 2015 година настапуваше за Металург, со кој на два пати стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите и ги победуваше гиганти од типот на Барса, Келце, ПСЖ…

Една полусезона во 2015 година одигра во бундеслигашот Хановер, а потоа се пресели во Вецлар, каде што комплетираше седум сезони. Денес ја завршува играчката кариера, а од лето ја започнува официјално и тренерската како асистент на првиот тренер Бен Мачке, иако од пред дв сезони работеше во стручниот штаб.

За репрезентацијата на Македонија, Миркуловски, според неофицијалните податоци има одиграно 96 натпревари и постигнато 225 гола, иако таа бројка сигурно е многу поголема.