Голден Арт останува на максимум, го собра цел плен во Струмица

Ракометарите на Голден Арт продолжуваат со сигурните игри во групата Б од првата лига. Во натпревар од 4. коло лесно и без проблеми на гостински терен го совладаа тимот на Астраион со 18:36.

Гостинскиот тим кој беше фаворит во целост ја оправда улогата и од самиот старт тргна во висок ритам. Гостите поведоа со 1:3 и 4:7, а многу брзо имаа висока предност од 4:10. Астраион кој настапи со само десет ракометари во ростерот немаше сили за поголем отпор и веќе на полувремето имаше негатива од 7:19.

Второто полувреме продолжи во ист ритам, Голден Арт КЛ7 го полнеше голот на противникот и постојано ја зголемуваше позитивата. До крај на дуелот одиграа рутински без многу напор и ја обезбедија четвртата победа во првенството. Со овој триумф Голден Арт останува на врвот заедно со Алкалоид со по четири победи.

Најефикасен во победничкиот тим беше Симон Гучески со осум погодоци, а по шест гола постигнаа Петар Стојаноски и Кристијан Стаменковиќ. Во составот на Астраион најрасположен за игра беше Иванче Ончев со девет гола.