Голден Арт за десет минути го реши Радовиш

Ракометарите на Голден Арт се израдуваа на третата победа во плеј-аут фазата во Супер лигата, откако на свој терен беа убедливи против Радовиш, со резултат 36:23, во натпревар од 5. коло.

Голден Арт со новите освоени бода направи голем исчекор во борбата за опстанок во суперлигашката конкуренција и за момент го презеде второто место на табелата.

Во нерамноправен натпревар, тимот на Голдем Арт целосно го надигра составот на Радовиш, кој не можеше да го запре налетот на расположените момци на Глигоров, посебно во првиот дел кога домаќинот направи повеќе од потребното за победа.

Освен нерешените 1:1, сѐ друго мина во знакот на домаќините, кои за седум минути игра стигнаа до водство од 7:2, потоа има 9:3 и како одминуваше времето ја зголемуваа предноста. Највисокото водство на Голден Арт во првиот дел изнесуваше осум гола разлика, 16:8, додека по 30 минути игра, резултатот беше 18:12 за домаќините.

Ниту во вториот дел гостинот не успеа да ја подобри играта и му дозволи на ривалот повторно да доминира на теренот. Гостите немаа решение за Христијан Милошески, кој на денешниот дуел имаше свое шутерско издание. Радовиш во продолжението за момент намали на 19:14, но тоа беше последниот негов обид за да се направи нешто повеќе и да се избегне висок пораз.

Голден Арт осетно ја зголеми разликата и ја повтори играта од најголемиот дел од првото полувреме кога водеше со шест до седум гола разлика. До крајот само ги броевме головите, најчесто во мрежата на Радовиш. Црвен картон во 55 минута поради три исклучувања заработи членот на Голден Арт, Славе Јанковски.

Најефикасен на натпреварот беше Христијан Милошески со десет погодоци. Во таборот на Радовиш отскокнаа Филип Трајанов и Александар Марков со по пет реализации.

Во следното, 6. коло, екипата на Голден Арт за ривал го има тимот на Скопје, додека Радовиш ќе гостува во Струга кај истоимената екипа.