Голден Арт влезе во победничка серија, падна и Скопје

Ракометарите на Голден Арт триумфираа против Скопје со 29-27 во интересен натпревар со подеми и падови на двете екипи. Ова е трета победа во серија за Голден Арт во разигрувањето за опстанок и сега останува на второто место со 15 бода, зад Куманово кој е лидер со 16. Иако Голден Арт водеше со четири гола во првиот дел, дозволи Скопје да се врати во мечот, да поведе исто така со четири гола во второто полувреме, но во финишот тимот на Владимир Глигоров направи пресврт и се радуваше на нови бодови.

Избраниците на Горан Кузманоски подобро го отворија натпреварот и поведоа со 6-3, но следуваше пад во играта и Голден Арт ја презема контролата на терен. Со четири гола во серија поведе со 7-6.

Имаа момците на Владимир Глигоров и водство од четири гола во првиот дел, 14-10, но не изджржаа. До паузата, Скопје се врати во ритам, па Киселовски и Јакимовски реализираа за минус два, 16-14.

На стартот на вториот дел Скопје направи комплетен пресврт и поведе со 17-16, а имаше и плус четири гола предност во продолжение, 23-19. Сепак Голден Арт заигра подобро успеа да израмни на 23-23, а беше и 24-24.

Искусниот Даскаловски одбрани пенал, па Милошески во следниот напад донесе водство за Голден Арт, 25-24. На три минути до крајот, беше 27-26 за Голден Арт, а гостите кои беа гости во својата сала, не погодија за плус два.

Но ниту Скопје преку Барјактаревиќ немаше реализација бидејќи Даскаловски го запре неговиот удар, по што следуваше тајм-аут на Глигоров на 70 секунди до крајот кога Голден Арт тргна во напад за потврда на победата.

Имаше седмерец кој го реализираше Шилегов и Голден Арт веќе можеше да слави. До крајот уште по еден гол на двете страни за 29-27. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Миланов и Јанковски со по шест гола, а одличен на голот беше и Даскаловски. Кај Скопје се истакна Киселовски со 11 погодоци.