Голгетерот Мирко Мајиќ открива: Повеќе си ги бројам грешките отколку головите

„Сметам дека македонската лига е во ТОП 3 на Балканот. За мене е фантастично што има толку многу екипи дури 16. Замислете ако играат Вардар и Еурофарм Пелистер во регуларниот дел сигурно уште повеќе ќе го кренат рејтингот и во европски рамки на целата лига.

Еден од најдобрите странци што играле, односно се уште играат во македонскиот ракомет несомнено е црногорскиот интернационалец Мирко Мајиќ. Црногорецот го започна својот ракометен пат во тимот на Будуќност, а играше и за Сутјеска, Рудар и Даниловград во неговата татковина. Левото крило кое настапува во екипата на Бутел трета сезона, секогаш е на врвот на листата на стрелци во суперлигашкото друштво. Тоа е случај сега, а беше и преходно кога Мајиќ настапуваше за некогашниот тим МАКС Струмица и за Радовиш.

На натпреварoт кој Бутел Скопје го доби со Тиквеш, Мајиќ постигна 13 погодоци и беше главен иницијатор на пресвртот во вториот дел. Против Металург, повторно беше најдобар на теренот со седум постигнати голови. Во моментов во Суперлигата Мајиќ има постигнато 70 голови на девет меча, и се наоѓа на четвртото место на листата на стрелците пред Караиванов со 96, Илиев со 72 и Палевски со 71. Првите тројца завршија со натпреварите, па левото крило на Бутел Скопје има уште три меча за да стигне до првото место.

Претходната сезона која не се доигра, Мајиќ беше прв стрелец во Бутел со 89 погодоци, додека сезоната 2018/19 даде 78 голови со кои беше втор стрелец во екипата.

Сепак, тој вели дека не ги брои своите индивидуални остварувања, и дека му е важно само тимот да победува.

„Искрен да бидам никогаш не сум броел коку голови сум давал на натпреварите. Можеби тоа е моја грешка, како секој спортист треба да знам што и колку дава на теренот. Но јас повеќе си ги бројам грешките и сметам дека тоа можеби е поважно за да може да ги оствари своите цели. Фала му и на Господ што и покрај проблемите со повреда, можам да и помогнам на екипата и во такви околности. Не знаев дека против Тиквеш дадов 13 голови, ми кажаа после мечот. Не можам да кажам дека тоа не ми годи, секако дека да, но тоа е благодарение на колективот“, вели Мајиќ.

Левото крило во интервјуто за 24Ракомет открива дека еден пропаднат трансфер во Норвешка е причината што ја разгледал понудата од Македонија и веднаш ја прифатил. Најпрво беше дел од МАКС Струмица, со која играше на европска сцена и во СЕХА лигата, но тој проект брго згасна.

„Сосема случајно дојдов во Македонија. Тоа се случи преку ноќ. Тогаш соработував со Милош Павичевиќ и тој го договори трансферот во Струмица. Тоа за мене беше нешто ново во мојата кариера, првпат излегов надвор од Црна Гора. Ми пропадна еден трансфер во Норвешка поради тоа што немам ЕУ пасош. Дојде тој повик во 2014 година и без размислување прифатив, бидејќи бев задоволен од финансиите. Ми кажаа убави работи тогаш за Струмица, која претходната сезона пред да дојдам јас го доби Металург. Имав желба да излезам од Црна Гора, и да ми кажуваше некој дека во Македонија ќе останам долги години, немаше да му верувам. Но убаво ми е. Што се однесува до Струмица, колку беше добро, толку и лошо искуство. Кога почнаа да се случуваат лоши работи во клубот, да се зборува дека се местат натпревари во СЕХА лигата, веднаш си заминав од клубот. Не сум човек што го интересираат такви натпревари и не се водам по такви нечесни и неспортски принципи. Но по три месеци се вратив, бидејќи на полусезона беше тешко да се најде нов клуб. Ама не се каам. Сето тоа беше искуство плус за мене, и животно и спортско“, продолжи Мајиќ.

По Струмица, Црногорецот беше дел една сезона од Радовиш и беше најдобар стрелец во екипата. Потоа замина во босанскиот шампион Борац Бања Лука, каде исто така имаше добри претстави, но финансиските проблеми на екипата, го натераа да ја прифати понудата на тогаш новиот суперлигаш Бутел Скопје.

„Никогаш не се покајав што дојдов во Бутел Скопје. Ние сме вистинско семејство, како и на теренот, така и надвор од него. Мислам дека единството е главната одлика на нашиот тим, па ако продолжи вака Бутел уште долго време ќе биде во врвот на македонскиот ракомет. Може да се пофалам дека Бутел Скопје е најконстантен клуб кога се работи за финансиите. Задоволен сум и не би бил тука три години, ако не е така. Ние сите играме ракомет од љубов, но и финансиите се важни. Јас живеам од тоа и затоа сум потполно посветено на мојата работа. Бутел исто така за една сезона влезе во Суперлигата и направи добар успех за три години во елитното друштво“.

Црногорецот смета дека нашата земја има многу квалитетни ракометари и дека лигата, без Вардар и Еурофарм Пелистер е во ТОП 3 на Балканот.

„Сметам дека македонската лига е во ТОП 3 на Балканот. За мене е фантастично што има толку многу екипи, можеби не 16, туку 14. Замислете ако играат Вардар и Еурофарм Пелистер во регуларниот дел сигурно уште повеќе ќе го кренат рејтингот и во европски рамки на целата лига. РФМ оди по вистински пат, мислам дека Македонија има талентирани деца, кои мислам дека допрва ќе излезат на големата сцена“, смета Мајиќ.

Иако има 31 година, тој верува дека не го покажал најдоброто и посакува да заигра во најквалитетните првенства во Европа.

„Имам квалитет да играм и во Франција, Унгарија, Романија, но немав среќа со менаџери, некогаш пропуштив и сам некои шанси. Мислам дека кога би добил вистинска понуда, би се пробал и во најсилните лиги. Имав моменти во кариерата, кога одев дома и плачев, и кажував дека не можам повеќе и ова е крај, но утредента се будев со желба да им покажам на сите што не веруваат во мене дека можам уште подобро. Иако имам 31 година, се уште не сум го покажал најдоброто од себе“,уверен е Мајиќ.

Тој во последно време не е во преден план во националниот тим, каде што Милош Вујовиќ и Александар Бакиќ добиваат приоритет на позицијата лево крило. Мајиќ вели дека никогаш не добил вистинска прилика во репрезентацијата.

„Јас никогаш не го доведов во прашање моето играње за репрезентацијата, но никогаш нема да дозволам некој да си игра со мене. Доживеав еден шок, кога еден поранешен селектор ме понижи пред цела репрезентација и ме праша – Што бараш ти во националниот тим? Разочаран бев од односот кон мене, но тоа што нема да те убие, ќе те направи посилен. Молчев многу време, но пак секогаш се јавував на повиците и секогаш бев тука за националниот тим, па дури и повреден. Благодарен сум на Зоран Рогановиќ што ми даваше доверба, со него комуницирам и ми покажа дека е голем професионалец. Само кај него и кај Зоран Кастратовиќ добивав прилика да покажам што знам“, вели Мајиќ.

Црна Гора има квалитетна репрезентација, но никогаш немала поголеми успеси на големите натпреварувања. Напротив, секогаш се мачи и во квалификациите, иако има ракометари со голем индивидуален квалитет.

„Лигата во Црна Гора е слаба. Само седум осум екипи има, се вложува, иако сме талентирана нација. Мислам дека дури и момците се поталентирани од дамите, и покрај тоа што Будуќност и Црна Гора освоија многу титули. Голем дел од нашата репрезентација игра во Бундес лигата, има три десни бека што се класа – Чавор, Вујовиќ и Липовина. Што ни фали за некој завршен чекор, навистина не знам, особено на оние големи натпреварувања. Можеби немаме квалитети за медал, да на претерувам сега, ама можеме да стигнеме до најдобрите осум на некое големо натпреварување. Често се менуваа селекторите, па прилагодување на различни принципи и стилови….Сепак мислам дека не ни треба странец и може со домашен терен да одиме напред. Најголем проблем на Балканот е егото, што на сите држави ни е кочница да бидеме уште подобри. Можеме да ги победиме Шведска и Германија, а да одиграме реми со Фарски Острови. Проблемот е многу подлабок – треба се да почне одново од организацијата. Дури и ние самите се прашуваме што ни треба за некој завршен чекор. Но едно е јасно, колку и да имаме индивидуално квалитетни играчи, ако нема колектив не може да успее. За тоа е пример Хрватска, која дишеше како едно. Замислете да постоеше Југолсавија, би биле шампиони за навек“, завршува Мајиќ.