Глигоров на клупата и на првиот тим на Металург: Задачата е сериозна, но можам да одговорам на предизвикот

Екипата на Металург во петокот остана без тренер, откако дојде до разделба со Оливер Димитриоски, а од вчера тренинзите се под водство на Владимир Глигоров кој сезонава го води тимот на Металург РА кој игра во Првата машка лига.

Во моментов е пауза во првенството поради ЕХФ неделата, но сосема извесно е дека под негово водство тимот ќе биде во следниот период што ќе ја зголеми неговата задача бидејќи и досега имаше задача да води неколку екипи на Металург во различни возрасни генерации.

„Преземањето на првата екипа е голема одговорност, но јас не бегам од задачата. Ни претстои многу работа, а ќе се потрудам да ги ‘разбудам’ момците и да се фокусираме кон она што ни претстои и да го покажат максимумот. Да ја доиграме сезоната најдобро шпто може и да успееме да се избориме за резултатите кои се посакуваат“, вели Глигоров за 24 Ракомет.

Тој во следниот периот ќе има задача и да го наметне својот стил на работа и кај момците од првата екипа.

„Секој тренер има свој стил на работа и има некој свој концепт кој се труди да го пренесе на теренот. Ќе се обидам на дело да ги спроведам моите идеи на терен и да продолжиме на најдобар можен начин во продолжението од сезоната“.

Во однос на неговиот ангажман во првата екипа засега нема дефинирано време бидејќи претседаталката на Металург се наоѓа уште во изолација.

„Не сме разговарале за ангажманот и во моментов нашиот договор е да работам и со првата екипа. Наскоро ќе се дефинира сè. Знам дека е напорно, но јас не се плашам од предизвикот. Покрај водењето на првиот тим, како и екипата на Металург РА, продолжувам со работа и со генерациите 2004/05 и 2006/07“.

За работата со четири различни екипи што практично ќе значи минување на часови во сала и водење на тренинзи вели дека смета дека може да одговори на задачите.

„Не се нафатив на оваа работа за да може да се каже дека сега ги имам под контрола сите селекции во екипата на Металург туку се нафатив бидејќи сметам дека можам да постигнам со водењето на тимови. Претстои многу работа, ќе биде доста напорно и свесен сум за тоа, но знам дека ќе можам да ја сработам задачата“, коментира Глигоров.

Тој на почетокот на оваа сезона го презеде водењето на втората екипа на Металург со која после првите две кола има еден бод од ремито со Шампион.