Главоболки за Бојана Поповиќ – Црна Гора десеткувана во Скопје

Селекторот на женската репрезентација на Црна Гора, Бојана Поповиќ се соочува со голем број на проблеми пред гостувањето на нејзините избранички во Скопје на првиот дуел од ЕХФ Евро Купот.

Прв проблем за Поповиќ е откажувањето на двете искусни ракометарки, Мајда Мехмедовиќ и Јованка Радичевиќ. Двете членки на Кастамону нема да патуваат во Скопје, но ќе бидат на располагање на реванш натпреварот во Никшиќ за 10 октомври.

Додатен проблем за Поповиќ е откажувањето на Ѓурѓина Маловиќ, ракометарка на Тулон, која беше дополнително повикана во црногорската репрезентација, но Маловиќ не се појавила на собирот во Подгорица.

Клубот на Маловиќ, Тулон, одговорил на Ракометната федерација на Црна Гора дека ракометарката поради повреда не отпатувала за нејзината земја. Сепак, Поповиќ тоа не го гледа како оправдување бидејќи, Маловиќ одиграла 50. минути во дресот на Тулон во минатото коло од шампионатот на Франција.

„Ѓурѓина Маловиќ е повикана во репрезентацијата на Црна Гора и нејзиниот клуб ни испрати одговор дека е повредена. Но, таа играше 50. минути во саботата, така тој одговор не е реален“, изјави Бојана Поповиќ.

Освен Маловиќ, на собирот не се појавила ниту искусната голманка, Марта Батиновиќ. Причините за нејзиното отсуство се непознати бидејќи голманката не контактирала никого од стручниот штаб на Црна Гора. Во Подгорица на големо се шпекулира дека двете споменати ракометарки кои не се појавиле на тренингот имаат намера да се повлечат од репрезентацијата.

Како капак на сите проблеми е откажувањето на ракометарката од Ѓер, Јелена Деспотовиќ. Според информациите на Црногорците, Деспотовиќ поради проблеми со рамото нема да се појави за натпреварите против репрезентацијата на Македонија.

Поради повреда нема да настапат ниту Ѓурѓина Јауковиќ и Катарина Џаферовиќ. Претходно, поранешната ракометарка на Жито Прилеп и Вардар, Андреа Кликовац реши да се повлече од националниот дрес и кариерата да ја продолжи само на клупско ниво.

Првиот натпревар помеѓу Македонија и Црна Гора ќе се одигра на 7 октомври во СЦ „Борис Трајковски“ од 20:15 часот. Вториот дуел е закажан за 10 октомври во Никшиќ од 20:30 часот.