Гисласон уште не го соопштил составот, а веќе неколкумина му откажаа

Селекторот на Германија, Алфред Гисласон се соочува со проблеми пред соопштувањето на составот за Европското првенство кое се игра во јануари во Унгарија и Словачка.

Германија има проблеми бидејќи дел од ракометарите на кои се сметаше сериозно не се подготвени за настап. Тоа го менува планот и Гисласон ќе мора да најде замени.

Иако Германците имаат доволно голем број на ракометари за да направат добар избор, сепак, јасно е дека Пол Друкс, Јури Кнор, Патрик Грецки и Фабијан Виде нема да бидат дел од тимот.

Друкс има повреда на коленото, додека Кнор одбива да се вакцинира и поради тоа нема да му биде дозволено да настапи.

Патрик Грецки реши да остане со својата сопруга која треба да се породи и сака да биде дома чекајќи го второто дете.

Што се однесува до Виде тој има објавено дека не е во можност да настапи на Европското првенство од семејни причини.

Германија во подготовките за Европското првенство на 7 и 9 јануари ќе одигра две контролни средби против селекцијата на Србија.