Германската Влада одлучува – дали Вардар ќе владее со Европа до јуни следната година

Германската канцеларка Ангела Меркел и Владата излегоа со предлог во борбата против коронавирусот – да нема спортски натпревари со публика до 31 декември 2020 година! Покрај спортски натпревари (фудбал, кошарка, одбојка, ракомет, хокеј), во ист кош се и фестивалите и концертите…

Доколку овој предлог биде прифатен, тоа значи дека ниту завршниот турнир во Келн нема да се одржи, со оглед на тоа што ЕХФ не прифаќа играње пред празни трибини.  Ф4 е закажан за 28 и 29 декември во „Ланксес Арена“ во Келн, среде новата сезона и треба да играат Барселона, Веспрем, ПСЖ и Кил.

Ако не се одигра завршниот турнир во ЛШ, тоа значи дека ракометарите на Вардар ќе продолжат да владеат на европскиот континент најмалку до јуни 2021 година, кога треба да се игра Ф4 од сезоната што е на прагот.

Се чини дека предлогот на Меркел ќе биде прифатен од германските власти, иако голем дел од клубовите веќе продаваат билети за нивните натпревари. Бундес лигата треба(ше) да започне од 1 октомври, а клубовите веќе ги пресметуваа приходите од влезниците, но сметката на „пазар“ и дома не е секогаш иста.

Кил, Фленсбург, Рајн Некар, Магдебург…ќе мора да играат пред празни трибини во Лигата на шампионите и Лигата на Европа, а ако не се игра Бундес лигата според планот, ќе им останат само европските натпревари.