Георгиевски: Ваква атмосфера не се купува со пари – може само да се доживее!

Актуелниот шампион Вардар славеше во првата пресметка со Еурофарм Пелистер со 31-24 во дербито од суперлигашкиот плеј-оф.

Десното крило Гоце Георгиевски беше меѓу најдобрите стрелци во победничкиот тим и ја пофали атмосферата во салата.

„Победивме можеби со неочекувана разлика, седум гола, но јас можам да бидам задоволен затоа што она кое го договоривме на тренинзите цела недела, во голем процент го исполнивме денеска. Специјално во одбраната, затоа што игравме многу добра одбрана. Морам да напоменам дека атмосферата беше феноменална од навивачите, ова не се купува со пари, може само да се доживее, неверојатно нешто беа нашите навивачи. Секоја чест за нив. Понесени од нив и нивното навивање, дадовме 120% од нашите сили и победивме. На почетокот игравме малку во грч, потоа се консолидиравме, голманот Томовски фати неколку удари и победивме во вториот дел што го одигравме без грешка“, вели Георгиевски.

Тој вели дека сите подеднакво се заслужни за убедливата победа.

„Кога ќе го погледнете играчкиот ростер меѓу двете екипи е различен. Кај нас е поинаква ситуацијата, повеќе сме базирани на поискусни македонски играчи, имаме многу вакви натпревари зад себе, знаеме како се игра на вакви натпревари и тоа помогна во еден момент во оваа победа. Но, оваа заслуга е на сите во тимот“, продолжи десното крило.

Со овој триумф Вардар е блиску до одбрана на титулата, но Георгиевски не мисли така.

„Сега не треба да мислиме на титулата, уште е рано бидејќи не чека и меч во Битола, а имаме и други натпревари од Суперлигата. Ова е голема победа, имаме добра предност, но треба да гледаме да ја искористиме на најдобар начин. На сите следни натпревари мора да бидеме фокусирани максимално“, заврши Георгиевски.

Следната средба меѓу овие две екипи ќе се случи на 6 или 7 мај во Битола.