Гедбан на лето се сели во Шпанија, Катар само шпекулација

Актуелниот чувар на мрежата на Вардар, алжирскиот репрезентативец Калифа Гедбан сепак средината на јули ќе ја започне во Шпанија. Тој потпиша договор со шпанскиот клуб Адемар Леон и по две сезони поминати во Скопје ќе замине во АСОБАЛ лигата.

Утринава шпанските медиуми пишуваа дека Калифа Гедбан не успеал да се договори со управата на Адемар, па така „Диарио де Леон“ во својот текст објави и податоци дека Гедбан следната сезона ќе игра во некој од катарските клубови.

Сепак информациите кои попладнево пристигнаа од „Јане Сандански“ ги исклучуваат сите шпекулации за ангажман на алжирскиот интернационалец во друг клуб или држава и го потврдија неговиот потпис за шпанскиот клуб Адемар Леон.

Гедбан е четвртиот ракометар на актуелниот шампионски тим на Вардар кој сигурно заминува од клубот и заедно со Шишкарев на крајот на сезоната ќе се преселат од Скопје. Откако на почетокот на оваа година, финансиските проблеми кои се актуелни последните три години, имаа своја кулминација, Даинис Криштопанс  замина во Фуксе Берлин, а преодниот рок на полусезоната го искористи и Павел Атман и се врати во Русија. Данил Шишкарев засега е единствениот ракометар кој официјално е промовиран во нов дрес (Веспрем) за наредната сезона, а тука е и Калифа Гедбан кој својата ракометна среќа ќе ја бара во Шпанија. Се очекува заминување на уште неколку ракометари од клубот, кој според најавите наредната година треба да биде со намалени амбиции, но конкурентен во Европа.