Вујо ќе враќа пензионер во Загреб!

Три повреди на рамото, менискус на колено, пукната тетива…иако можеби звучи така,  овие повреди не се на цела екипа, туку само на еден ракометар – Марио Вуглач.  28-годишниот десен бек ја заврши кариерата на 26 години, но од следната сезона се враќа на ракометните терени.

Тој ќе игра за хрватскиот шампион Загреб под водство на Веселин Вујовиќ. „Плинарите“ се ранливи на десната бековска позиција последните две сезони, но се чини Вујо го реши проблемот.

Од Висла Плоцк доаѓа словенечкиот интернационалец Жига Млакар, а друштво ќе му прави повратникот на терените, Вуглач.

Тој потекнува од Бјеловар, па играше во Загреб, повторно во Бјеловар, а помина една сезона и во бундеслигашот Балинген. Поради повреда на рамото паузираше цела сезона, следуваа три операции и камбек во Загреб, од каде замина на печалба во Катар.

Таму не се задржа долго и повторно се врати во Загреб, каде што ја заврши кариерата. По две години во пензија, очигледно желен за ракомет, еден од најголемите хрватски таленти своевремено, му се враќа на овој спорт.