Вујовиќ: Скубе е одличен плејмејкер, но не трпи конкуренција!

Селекторот на Словенија Веселин Вујовиќ, го објави списокот на повикани ракометари за претстојната ЕХФ недела, во која избраници ќе одиграат два пријателски натпревари.

За натпреварите против Холандија и Србија на 25 октомври во Ормож и на 27 во Марибор, Вујовиќ повика 21 ракометар.

Меѓу нив го нема соиграчот на Филип Кузмановски од Магдебург – Марко Безјак, а го нема ниту вардарецот Сташ Скубе кој игра во одлична форма. Вујовиќ имаше коментар.

„Скубе е сјаен организатор на играта, но тој не трпи конкуренција. Во Горење, Сегед и Вардар е алфа и омега. Но во репрезентацијата, конкуренцијата на позицијата централен бек е огромна. Па затоа не оди да го повикам…а потоа да му кажам дека нема да оди на ЕП“, изјави Вујовиќ.