Вујовиќ за 24 Ракомет: За добар македонски ракомет потребен е и добар Металург

Ракометарите на Вардар дојдоа до победа од 38:30 против Металург во рамки на 6. коло од Супер машката лига после многу борба. Победата дојде во завршницата од натпреварот, а колку беше тешко за време на средбата може да се заклучи и од изјавата на тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ.

„Се трудевме да одиграме најсериозно што може и многу долго нѝ беше потребно да го скршиме отпорот на Металург. Ракометарите на Металург одиграа многу дисциплинирано и имаа неверојатна шутерска вечер. Играа цврсто во голем дел од натпреварот, а доколку не беа подобри тогаш беа рамноправни на Вардар. Резултатот на крајот од натпреварот не е реален. На Металург му ја посакувам сета среќа во продолжение од првенството бидејќи сметам дека за добар македонски ракомет е потребен и добар Металург“, изјави Вујовиќ за 24 Ракомет.

За одбраната има различно размислување за двете полувремиња со оглед на тоа што во првиот дел имаше многу погодоци. Беа постигнати дури 37 гола, а резултатот беше 18:19.

„Примивме 19 гола во прво, а 11 во второ полувреме и тоа е регуларен резулат. Тешко е да се менуваат постави на играчите во Лигата на шампионите и во домашното првенство. Исто така тешко е да се мотивираат ракометарите, да се играат толку натпревари во кратко време. Многу е тешко. Меѓутоа, ова не е никакво оправдување. Јас сум задоволен со играта во второто полувреме, а првото ќе се потрудиме да го заборавиме“.

Причината за резултатот во првото полувреме ја побара во играта во одбраната.

„Лошо браневме против пивотите. Во првото полувреме бевме и лошо поставени  и не излагавме на нивните шутери. Како моите играчи да беа релаксирани. Ги разбирам, но малку затегнавме на полувреме и тоа се виде во продолжението“.

Инаку, ова на некој начин беше и подготовка за дуелот од Лигата на шампионите кој ќе се игра в среда во СЦ „Јане Сандански“ против тимот на Монпелје.

„Сите екипи во Европа играат така. Ова беше одличен тест за пред Монпелје, а се надевам дека сала та ќе биде уште пополна в среда на новиот дуел од Лигата на шампионите“, коментираше после натпреварот против Металург, тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ.

Металург опуштено, вардарци испотено и со супер финиш до нови бодови