Во Романија немаат трпение – еден пораз и веднаш смена на тренерот

По стартниот и неочекуван пораз во првото коло од Лигата на шампионите од Есбјерг, раководството на ЧСМ Букурешт бара замена за моменталниот тренер на екипата, Адриан Василе.

Според романскиот медиум „ГСП“, челниците на ЧСМ Букурешт воопшто не се задоволни од прикажаната игра на почетокот на сезоната.

Екипата на Адриан Василе не успеа да го освои Купот на Романија, додека овој викенд во својот прв натпревар во Лигата на шампионите беше шокиран од Есбјерг со 22:21, иако на четири минути пред крајот, ЧСМ Букурешт имаше предност од три гола разлика, 21:18.

На почетокот на месец март оваа година, Адриан Василе го продолжи договорот со ЧСМ Букурешт на две години, но изгледа дека предвреме ќе го напушти тимот. Кормилото на романскиот тим го презеде во 2020 година по заминувањето на тогашниот тренер, Пер Јохансон.