Во Купот на Македонија ќе се игра на елиминации – суперлигаши против прволигаши

Зголемениот број на екипи во Суперлигата и во Првата лига донесоа промена на форматот на играње во Купот на Македонија. Во машка конкуренција сезонава играат 32 екипи (16+16), а сите ќе бидат дел од првото коло кое ќе се игра на елиминации.

Досега во оваа фаза играа само прволигашите по групи и најдобрите четири од група им се приклучуваа на суперлигашите во четвртфиналните групи.

Оваа сезона, сите суперлигаши, вклучувајќи ги и Вардар и Еурофарм Пелистер, ќе мора да одиграат плус уште еден натпревар. Според полудиригирана ждрепка ќе се одредат паровите, а ќе се игра само еден дуел веројатно на теренот на прволигашот.

16 победници од елиминациската фаза, ќе формираат четвртфинални групи, кои ќе се играат по принципот полуфинале-финале, а најдобрите четири екипи ќе го обезбедат местото на завршниот турнир.

Елиминациите се планирани на 24/25 февруари, четвртфиналните групи на 31 март/1 арпил, додека завршниот турнир во Купот би требало да се игра од 21 до 23 мај.

Ракометната федерација на Македонија наскоро треба да го потврди овој формат за Купот и да ја закаже ждрепката за двојките.