Во Келце им пукна филмот: Вака веќе не може…

Полскиот првак Келце имаше разочарувачки старт на новата сезона во Лигата на шампионите откако загуби во Букурешт кај Динамо со 32-29.

Претседателот на клубот, Бертус Сервас, своето незадоволство од настапите на поединци го изрази на Твитер и напиша дека му е жал за оние што го даваат својот максимум.

„Тешко е да се вратиме на вистински пат по ваков натпревар, но мора да продолжиме. Не можеме да победиме ако целиот тим не функционира. Вака веќе не може понатаму. Само ми е жал за оние момци што го даваат максимумот“, напиша Сервас.

Полските медиуми пишуваат дека веројатно ќе има казни за дел од ракометарите, а на тапет е голманот Андреас Вулф, еден од најплатените во Келце, кој подолго време е во лоша форма.

Нема многу време за Талант Душебаев да го анализира мечот во Букурешт, бидејќи веќе в сабота ќе игра со незгодниот Горњик Забже во полскиот шампионат, а в четврток го чека пресметка со Веспрем во ЛШ.