„Во ИХФ има луѓе што немаат поим од ракомет, но јас не можам ништо да променам“

Тренерот кој со поранешна Југославија го освои златниот медал на Олимписките игри во Берлин во 1972 година, Владо Штенцл сега има 86 години.

Тој зборуваше за причините кои го спречија ракометот да биде многу попопуларен спорт во светот.

„Во моментов го гледам ракометот како спорт што напредува само во одредени земји. Не е привлечен за навивачите затоа што има многу проблеми со правилата на играта. Ако погледнете кој е во комисијата на ИХФ, има некои претставници од Африка и Азија кои не знаат ништо за ракометот. И, дали овие ја градат иднината на спортот?“, рече Штенцл за „Балкан Хендбол“.

Освен во раководствтото на меѓународната ракометна федерација, Штенцл причина што заостанува ракометот зад фудбалот и кошарката гледа и во правилата на играта. Според него многу се неразбирливи некои правила за обичните гледачи.

Правилата се премногу комплицирани. На обичен спортски навивач кој дошол да гледа ракомет му треба еден месец да ги разбере сите правила. Вие не знаете кога има фаул во нападот, а кога не, треба да ги броите додавањата за пасивен напад и така натаму. Тактиката повеќе не постои: можете да играте во напад 7 на 6, и одбрана 6-0 или 5-1 со еден играч кој може да ја пресече топката. Немате можност да организирате индивидуална игра еден на еден, што е интересно за навивачите. Правилата на играта се многу лоши. Лесно е да се донесат нормални правила, да се направи спортот многу попривлечен за луѓето и медиумите. Имаме гол и многу опции како да постигнете гол во споредба со кошарката, каде што имате само еден удар“, коментираше Штенцл.

Според него пример како треба да се развива еден спорт е кошарката каде што сите одлуки за промена на правилата биле направени навремено и на вистински начин.

“Кошарката е светски познат спорт, а ракометот не е на ова ниво поради правилата. Но, во кошарката, промените во правилата се во рацете на паметните луѓе. Секое ново правило во кошарката беше чекор напред, тие имаа добри причини. Јасно е зошто има удар за три поени – заостанување од петнаесет поени, помалку од пет минути, а постои шанса да направите пресврт со неколку удари и да направите интересен крај. Во ракометот, кога вашиот тим ќе губи десет гола, веќе можете да ја напуштите салата и да си одите дома. Имаме многу проблеми. Не можам да сменам ништо, бидејќи никогаш не сум бил член на какви било комисии. Сега сум во Далмација, па можам да јадам само вкусна риба и да пијам добро вино“, заврши Штенцл.

Се работи за еден од најдобрите тренери на сите времиња, но и тренер кој остави голема трага во Бундес лигaта. Тој како селектор покрај со поранешна Југославија освои златен медал и со Германија на Мундијалот во 1978 година.