Внукот на шпанскиот крал останува во Барса

Пабло Урдангарин, син на поранешниот ракометар на Барселона, Ињаки Урдангарин и на принцезата Кристина Федерика, го продолжи договорот со вториот тим на Барселона. Пабло е внук на кралот на Шпанија, Хуан Карлос и кралицата Софија.

21-годишното десно крило и минатата сезона тренираше со првиот тим и играше на некои натпревари, но главно беше дел од Барселона Б. За првиот тим постигна 24 гола на 15 меча, а дебитираше и во Лигата на шампионите.

Со оглед на големата конкуренција во првиот тим, каде што се Алеиш Гомес и Блаж Јанц, Урдангарин ќе настапува за вториот тим, а доколку има потреба ќе се приклучува и кон првата екипа.

Пабло започна да тренира ракомет во Луцеум од каде што замина во Есплугес во периодот додека живееше во главниот град на Каталонија. На само 17 години замина во Германија во младинскиот тим на Хановер, каде соработуваше со Ортега, кој пак му даде шанса минатата сезона во првиот тим на Барса.

Една година подоцна, во летото 2019 година Пабло потпиша за Нант, но корона кризата го прекина првенството. Следуваше враќање во Барселона каде што продолжи со своите студии.

Екипата на Барслеона Б во претстојната сезона ќе се натпреварува во втората по квалитет лига на Шпанија каде што се еден од најсилните состави и се борат за врвот на табелата, но не можат да одат ранг погоре.