Владата ја укина забраната, ракометот и другите спортови се враќаат на сцена!

Владата на Република Македонија денеска ја укина забраната за одржување спортски натпревари во колективни спортови. Комисијата за заразни болести упати препорака до националните федерации да започнат со организирање спортски настани со стриктно почитување на упатствата за натпревари, без публика и со запазување на здравствените протоколи.

Ракометната федерација ќе изработи протокол за натпреварување, а клубовите и ракометар(к)ите ќе треба максимално да го почитуваат.

„На денешната седница, Владата донесе одлука со која престанува да важи забраната за одржување спортски натпревари во колективните спортови и ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести федерациите да го отпочнат организирањето спортски настани со стриктно почитување на упатствата за натпревари без публика и на другите препораки кои се однесуваат на запазување на здравствената безбедност на играчите и останатите вклучени во натпреварите“, се вели во соопштението на Владата.

Ракометните шампионати би требало да стартуваат во средината на септември, а наскоро РФМ треба го одреди распоредот на натпреварите.