Висла Плоцк активна на трансфер пазарот – го бара новиот хрватски репрезентативец

Екипата на полскиот вицешампион, Висла Плоцк според шпанскиот медиум „lanuevacronica“, посакува во своите редови да го ангажира хрватскиот ракометар, Тин Лучин за новата сезона. Лучин моментално е ракометар на Адемар Леон и може да игра како лев и среден бек, а има договор во Шпанија уште на една сезона.

Раководството на Висла Плоцк е во преговори со младиот ракометар на Адемар Леон. Доколку се реализира трансферот, Хрватот ќе биде замена за Золтан Сита, кој, ќе ја напушти Висла Плоцк  следното лето и ќе се пресели во ПИК Сегед.

Висла Плоцк ланската сезона правеше големи напори во клубот да го донесе Тин Лучин, но сепак не дојде до соработка поради високата оштета.

Лучин во 2019 година пристигна во Адемар Леон, а претходно настапуваше за клубовите на Замет, Загреб и Козала Риека. Во оваа сезона, Лучин беше втор стрелец во својата екипа во рамките на Лига на Европа со постигнати 50 гола.

Во репрезентативниот дрес имаше настапи само за младинските селекции на Хрватска. Со смената на кормилото на хрватската репрезентација и доаѓањето на Хрвоје Хорват како селектор, Лучин доби прилика да игра во сениорскиот дрес на неговата земја за време на натпреварите од ЕХФ Евро Купот.