Видерер: Не знам зошто сега сите се изненадени поради одлуките, пред месец дена никој не беше против

Европската ракометна федерација пред пет дена стави крај на натпреварувачката сезона во европските купови и ги одложи за септември и декември, само завршните турнири во Лигата на шампионите.

Останатите натпревари во ЕХФ Купот и Челинџ Купот во двете конкуренции, како и репрезентативните натпревари на машките и женските селекции за место на ЕП 2020 и СП 2021 исто така се откажани.

Претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер во изјава за „Балкан Хендбол“ вели дека одлуките се темелат на комплетен процес.

„Одлуките се темелат на комплетен процес и изненадува фактот што одговорот на објавата во петокот стигнува дури сега. Основната одлука беше донесена и официјално објавена на 25 март, а потоа беа испратени и детални писма на федерациите и клубовите, кои ниту на еден начин не беа против. Активирањето на оваа одлука е резултат на тоа што секаде низ Европа беа откажани првенствата. Ние жалиме што нема да се одиграат голем број натпревари, но жалиме и што финансиски последици ќе има за сите вклучени – федерациите, клубовите, а посебно ЕХФ. Мора повторно да се нагласи дека 80% од приходите од натпреварувањата им се враќа назад на главните актери, а тоа значи дека ЕХФ и ЕХФ Маркетинг ќе дадат се од себе да ги сочуваат интересите на сите што се вклучени“, појасни Видерер.

Женската ЛШ, односно завршниот турнир ќе се игра на 5 и 6 септември, со можност за четвртфинални средби на 3 септември, додека машкиот Ф4 ќе биде на програмата во декември, на 28 и 29.