Вардар супериорно до четвртфинале против Загреб и Чупиќ

Ракометарите на Вардар дојдоа до победа и на вториот натпревар против екипата на Металопластика, овој пат со 26-23 со што беше потврден пласманот во четврт-финалето каде што шампионот на Македонија си обезбеди двобој против составот на ППД Загреб пред стартот на следната сезона.

И овој дуел исто како вчерашниот тргна лошо за Вардар. Алушовски се реши за играчите кои имаат помала минутажа, но имаа лошо отворање на средбата. Тргнаа со 0:2, а првиот погодок беше дело на Валчак во 6. минута. Тука се влезе во лош период во кој противникот за седум минути постигна пет гола.

После 13 минути игра тимот на Вардар имаше резултат од 1:7 што беше навистина лошо отворање и мораше веднаш да се реагира. Следуваа неколку измени и почна враќањето во игра. Предноста почна да се топи, па во 20. минута резултатот беше 6:8. Тоа беше веќе поприфатливо и можеше да се игра нормално. Првото израмнување дојде во 28. минута кога резултатот беше 11:11, а потоа за две минути следуваа три гола за на одмор да се замине со резултат од 14:11.

Вардар имаше три гола предност кои најавуваа нова победа, но мораше да се одработи сериозно до крајот на средбата и не смееше да се дозволи опуштање.

И во вториот дел имаше комбинирање со составот, па тоа беше причина да нема поголема предност од четири гола. Главно се чуваше предноста која изнесуваше три или четири гола. Сепак, вчерашните осум погодоци позитива беа причина да може да се игра мирно и да нема опасност за пласманот во четврт-финалето.

Најдобри стрелци кај Вардар беа Шеваљевиќ и Дибиров со по пет гола, а Кизиќ на последниот дуел во „црвено-црниот“ дрес собра 16 одбрани.