Вардар нема да патува во Брест, ОТКАЖАН е мечот против Мешков!

Натпреварот од групната фаза на Лигата на шампионите меѓу Мешков Брест и Вардар планиран за 2 март во салата „Викторија“ нема да се одигра!

Европската ракометна федерација ги извести клубовите дека ситуацијата во која се инволвирани Белорусија, Русија и Украина, е пречка овој натпревар да се игра според планираното.

„Во процедура усогласена со претходните одлуки за натпреварите во наредната недела и со цел да се заштитат сите инволвирани страни и да се обезбеди интегритетот на натпреварувањето, ЕХФ дојде до заклучок да го откаже натпреварот“, се вели во соопштението од европската куќа на ракометот.

За следните чекори во врска со овој натпревар ЕХФ ќе има информација во следниот период.

Голема е веројатноста Вардар да добие службена победа, или во најмала рака еден бод, кој сигурно ќе му значи многу во борбата за повисоко место на табелата.

Засега Вардар се наоѓа на петтото место на табелата во групата А, пред Елверум, Загреб и Мешков Брест. За Белорусите овој дуел нема големо значење, бидејќи ги загубија шансите за осминафинале.