Вардар немаше милост за Војводина

Екипата на Вардар на првиот четвртфинален натпревар против Војводина во рамки од регионалната СЕХА лига славеше убедлива победа со 38:25. Во нерамноправен натпревар, без ниту еден период на неизвесност, македонскиот шампион се избори за висока победа, со која може да си дозволи мал луксуз на реваншот.

Ракометарите на Владо Недановски денешната задача ја завршија уште во првото полувреме, во кое имаа доминантна игра против младинскиот тим од Нови Сад. Вардар имаше посакуван старт, поведе со 5:0, разиграни беа Моралес, Талески, Чувара, одбраната беше на ниво, па така македонскиот шампион немаше дополнителни проблеми во остатокот од дуелот.

Војводина првиот гол го постигна по седум минути игра, стрелец беше Ковачевиќ и до крајот на првото полувреме гостинот во мрежата на ,,црвено-црните” додаде уште десет погодоци. Вардарци во ниту еден момент не се опуштија, и како одминуваше времето ја зголемуваа разликата во своја корист.

Вардар во 15 минута имаше резултатска предност од 13:4, гостите одвреме-навреме наоѓаа пукнатина во одбрана на домаќините, но тоа не беше доволно да ја преполоват негативата, бидејќи ги зголемуваа техничките грешки. Во последните десет минути од првиот дел немаше голема промена на теренот, домаќините дојдоа до поубедлива предност и на пауза заминаа со плус 11 гола разлика, 22:11.

Второто полувреме беше шанса повеќе за младите ракометари на Војводина да се покажат во подобро светло. Најмногу во гостинската екипа отскокна Симо Шијан, кој имаше одредени блесоци во СЦ ,,Јане Сандански”. Ракометарите на Вардар по неколку минути игра во вториот дел зголемија на 26:13 и рутински ги одработија последните 20 минути.

Недановски го измеша составот и шанса за настап во денешниот дуел имаа и ракометарите со помала минутажа. Иако во еден период дојде до пад во играта на Вардар, сепак, гостите тоа не го искористија и од Скопје си заминуваат со висок пораз.

Најефикасен во редовите на Вардар беше Јан Чувара со десет погодоци, осум додаде Куни Моралес. Во листата на стрелци се запиша и младиот Марио Стојановски. Кај Војводина одлична партија имаше Симо Шијан, постигна 10 погодоци од 15 обиди.

Реванш дуелот меѓу Војводина и Вардар ќе се одигра на 11 април во Нови Сад.