Сесон бара оштета за Кантегрел, нема лесно да го пушти во Вардар!

Иако трансферот на голманот Робин Кантегрел во Вардар, се чинеше дека е завршена работа, француските медиуми пишуваат дека неговиот сегашен клуб Сесон може да биде пречка за реализација.

Лани Кантегрел потпишал договор на две години со Сесон Рен, иако и пред да го започне престојот, бараше начин како да не се пресели таму. Сепак не успеа да го раскине и мина една сезона, во која имаше одлични бројки.

Но сега е решен да си замине од Сесон, а францускиот клуб иако веќе ангажираше друг голман (Словенецот Рок Запоншек од Чурго), сепак нема така лесно да го ослободи Кантегрел и според „Handnews“, клубот ќе бара оштета од Вардар.

Дали има вистина во пишувањата на Французите, или Кантегрел нема да има проблеми со преселбата во европскиот првак, останува да видиме во следниот период.