Вардар го мина Еурофарм Пелистер 2, ќе се бори за трофејот во Купот на Македонија!

Во првиот полуфинален дуел од 29. издание на Купот на Македонија, Вардар го совлада составот на Еурофарм Пелистер 2 со 24-28 (11-13) и ќе се бори за трофејот. Натпреварот меѓу „црвено-црните“ и помладите „пелистерци“ не предизвика голем интерес во градот домаќин Кавадарци, затоа од трибините на спортската сала Јасмин можеше да се слушне песната на „Чкембари“ кои пристигнаа во Кавадарци да ја дадат поддршката на својот тим.

Актуелниот македонски шампион имаше проблеми со младите ракометари на Еурофарм Пелистер 2 само во воведните минути од натпреварот, кога битолчани имаа минимална предност и контрола на играта на терен. Вардар го започна дуелот без еден од стандардните првотимци оваа сезона Куни Моралес, а во составот недостасуваа и средниот бек Анте Гаџа, Борко Ристовски и Гоце Георгиевски. Еурофарм Пелистер 2 не можеше да смета на Петар Атанасиевиќ и Ненад Белистојаноски.

Отпорот на втората екипа на Еурофарм Пелистер траеше седум минути, кога започна серијата на Вардар. Тимур Дибиров со три погодоци во низа им донесе прва предност на „црвено-црните“ од два подогока (4-6). Низ средината на првиот дел Вардар ја одржуваше минималната предност, во 18. минута разликата ја зголеми на три погодоци, а на три минути пред крај на првиот дел Дарко Ѓукиќ по една грешка на одбраната на Еурофарм Пелистер 2, од втор обид го постигна својот прв гол и ја донесе највисоката предност за Вардар, 9-13. Младите пелистерци до крајот на првиот дел успеаа да го преполоват водството на противникот за конечни 11-13.

Идентично како и на почетокот на натпреварот, веднаш по паузата резултатот го отвори Филип Талески со својот шести погодок. Но до средината на вториот дел ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 ја вратија неизвесноста на овој дуел и повторно го намалија резултатот на „минус еден“. Но младите пелистерци немаа сили за повеќе. До 48. минута Вардар комплетно ја врати контролата над играта и резултатот, а Талески ги постави и највисоките „плус пет“ разлика за Вардар, 19-24. Во последните десетина минути немаше премногу возбудувања на теренот и вардарци рутински го довршија натпреварот.

Во составот на Вардар најпрецизни на овој дуел беа Тимур Дибиров со десет и Филип Талески со 9, додека Павле Петровиќ и Милан Ѓукиќ запишаа по шест за Еурофарм Пелистер 2. Мартин Томовски имаше одличен натпревар кој го заврши со 14 интервенции од нив три беа одбранети удари од линијата за седум метри.

Ривал на Вардар во борбата кон одбраната на трофејот во Купот на Македонија ќе биде победникот од дуелот меѓу Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер.