Вардар го засили стручниот штаб – Царчев повторно дел од „црвено-црните“

Екипата на Вардар за најважните дуели од плеј-оф фазата од Супер женската лига доби огромно засилување во стручниот штаб.

Поранешениот тренер на голманите во машката сениорска репрезентација на Македонија, Александар Царчев, кој во последните шест месеци беше дел од стручниот штаб на машката сениорска репрезентација на Саудиска Арабија и работеше како тренер на голманите во азиската селекција, се враќа во вардаровиот табор.

Царчев постигна голем успех со репрезентацијата на Саудиска Арабија во рамките од Азискиот шампионат каде што беше освоено 3 место, односно бронзениот медал, а со тоа беше обезбеден пласман на Светското првенство во 2023 година.

Во репрезентацијата на Саудиска Арабија соработуваше со француската легенда, Дидие Динар.

Своевремено, најголемиот дел од тренерската, но и играчка кариера, Царчев ја мина токму во редовите на Вардар. Неговиот камбек во женската екипа на Вардар ќе биде од голема корист за голманките во „црвено-црниот“ дрес.