Бутел Скопје ја освои Струга

Ракометарите на Бутел Скопје ја прекинаа серијата порази и славеа на гостувањето кај составот на Струга со убедливи 27-19, во натпревар од 10 коло од суперлигашката конкуренција.

Спасовски и Лазаревиќ погодија за 1-1, а потоа се беше во знакот на гостинските ракометари. Бутелци поведоа со 4-1 и таквата предност ја одржуваа до крај. Домашниот стратег Ферукоски се обиде со чести измени, Струга играше и со седум на шест во еден период од мечот, но прими неколку лесни голови.

По водството со 13-8, Бутел постигна уште три погодоци преку Николов, Мајиќ и Спасовски за убедливи плус осум гола на пауза, 16-8.

На стартот на второто полувреме беше 19-12, но стружани беа упорни и постигнаа четири гола во серија за 19-16. Сепак домаќините не успеаја комплетно да се вратат во мечот. Мајиќ искористи неколку ситуации и Бутел Скопје повторно си ја врати предност, 24-17, а за Струга немаше време за нешто повеќе од овој меч.

Мирко Мајиќ се врати на терен по повредата и беше најдобар стрелец со девет гола, а шест постигна Филип Николов. Во составот на Струга пет гола даде Петар Бугариновиќ.

Сега Бутел Скопје има 18 бодови на четвртата позиција на табелата од група А, додека Струга остана на петтото место со 13 бода. Во следното коло Бутел го пречекува Вардар Неготино, додека Струга гостува кај Прилеп.