Бутел Скопје има нов десен бек – потпиша Денис Тот

Хрватскиот интернационалец Денис Тот е нов ракометар на Бутел Скопје, откако десниот бек потпиша договор на една сезона.

Тот има 27 години и во Бутел доаѓа од Охрид, каде што ги мина последните две сезони. Хрватот потекнува од Ѓаково, играше за шпанскиот Адемар Леон, австрискиот Брик, хрватските Пореч и Бјеловар, пред во 2019 година да дојде во Македонија.

„По две сезони во Охрид се одлучив да ја променам средината. Добрите услови, амбициите на клубот…беа пресудни да ја прифатам понудата на Бутел Скопје. Се надевам на успешна соработка и добри резултати. Следната сезона посакувам да се најдеме на врвот во македонската Суперлига. Прво да избориме плеј-оф, па потоа да се бориме и за место во Европа. Веќе сум две години во Македонија, брзо се навикнав и на Суперлигата, бидејќи според мене е најинтересна лига на Балканот – има многу силни клубови, тешки натпревари и непредведливи резултати“, вели Тот.

Бутел Скопје ја заврши оваа сезона на петтото место во Суперлигата и нема да игра во европските купови.