Бутел Скопје го направи она што не успеаја Металург и Охрид, го освои „Македонско сонце“

Екипата на Бутел Скопје дојде до победа во „Македонско сонце“ од 24:21 против Пролет и успеа да го направи она што сезонава не им успеа ниту на Металург, ниту на Охрид. Ракометарите на Бутел Скопје одиграа подобро од својот ривал и успеа да ги запрат најопасните играчи на домашниот состав, па имаа можност повеќе за да дојдат до победата.

Гостите од Бутел тргнаа подобро во натпреварот. Од стартот го диктира темпото и тоа им даваше постојана предност која домашните не успеваа да ја стигнат. После 3:3 дојде до серија од 3:0 за гостинскиот состав, па овие три позитива без проблеми се одржуваа до крајот на првиот дел. Имаше малку погодоци, а во таквата игра на одмор се замина со водство на Бутел Скопје од 10:6.

Вториот дел почна исто така со подобра игра од гостинскиот тим. Бутел Скопје беше во предност и од шест погодоци. Иако Пролет успеа да намали до три гола и да има 11:14 брзо следуваше одговор при што гостите одново има 17:11.

Сепак, на почетокот на последните десет минути работите почнаа да се менуваат. Домашните конечно ја најдоа потребната игра во одбраната. Тоа даваше резултат, а предноста почна да се намалува. Секоја топка беше решавачка, па во 56. минута резултатот беше 19:20.

Следуваше брз одговор од гостите, кои после тајм-аутот реализираа, но Џонов беше ракометарот кој го чуваше Пролет на негатива од гол и го оставаше во игра. Мојсоски одново врати на плус два за Бутел Скопје и на две минути до крајот резултатот беше 22:20. На нешто повеќе од минута до крајот имаше грешка кај домашните, а Мојсоски успеа во брзо организиран напад да донесе 23:20 за Бутел Скопје при што веќе беше јасно кој ќе дојде до победа на овој дуел. Остана три гола разлика, а бодовите заминаа со гостите и ова е првпат некој тим сезонава да дојде до победа во „Македонско сонце“. Воедно со трите бода Бутел Скопје се најде позиција пред Пролет и сега е на 3. место.

ПРОЛЕТ 62 – БУТЕЛ СКОПЈЕ       21:24 (6:10)

Сала: „Македонско сонце“ во Скопје. Гледачи: 400. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола. Делегат: Драган Начевски од Скопје.

ПРОЛЕТ 62: Кизиќ, Кристо, Коруновски, Василевски, Аларов, Поповски 2, Давитковски, Митковски, Манев, Додевски, Андоновски 3, Џонов 8, Мајнов 8, Дамчевски, Блажевски, Стојановски.

Седмерци: 4/6, Исклучувања: 6 мин.

БУТЕЛ СКОПЈЕ: Даскалоски 1, Блажески, Димов, Младеновски 1, Стојановски, Ѓеоргиевски 3, Божиновски, Шокоски, Димовски 2, Спасовски, Мојсоски 4, Милошевски 2, Миланов, Печенковски 7, Василевски 1, Мајиќ 3.

Седмерци: 6/6, Исклучувања: 16 мин.