Бундеслигашите убедливо до фајнал-фор во Лигата на Европа

Ракометарите на Магдебург и Рајн Некар остварија убедливи победи против своите конкуренти во реванш натпреварите и обезбедија фајнал фор во Лигата на Европа.

Магдебург и вторпат го совлада Кристијанштад со 39:31, па со убедлив вкупен триумф од 73:59 го елиминираше шведскиот претставник. Германскиот тим уште на полувреме реши сè кога водеше 23:12 и до крај рутински стигна до победата.

Предводник во победата беше Магнусон со девет погодоци, а шест постигна Штајнерт. Во тимот на Кристијанштад најрасположен беше Зоран Божиќ кој постигна седум гола и беше прв стрелец во својот тим.

Рајн Некар откако загуби минимално на гостувањето во Русија против Чеховски Медведи (32:33) немаше проблеми да ја надомести негативата во реваншот победувајќи со 37:27.

Бундеслигашот рано направи сигурна предност и сигурно одеше кон убедлив триумф. На полувреме беше 19:8, а во продолжението само ја одржуваа позитивата и стигнаа до потребната победа од 37:27. Најефикасен беше Шмид со осум гола, а по шест постигнаа Толбринг и Колбахер. Во тимот на Чеховски Медведи единствен расположен беше Котов со шест гола.