Бразил, Аргентина и Уругвај доаѓаат во Македонија

Репрезентацијата на Бразил го освои првото место на младинскиот шампионат на Јужна и Централна Америка, со што обезбеди пласман на Светското кадетско првенство, кое ќе се одржи во Македонија, во периодот од 30 јули до 10 август оваа година.

Kaдетскиот шампионат на Јужна и Централна Америка се одржа во бразилскиот град Таубате помеѓу 26 и 30 април. Домаќинките ја оправдаа фаворитската улога и со максимален учинок заслужено обезбедија пласман на Светското кадетско првенство.

Бразил оствари четири победи во четири натпревари, вклучувајќи ја и тесната победа од 25:24 во решавачкиот натпревар против Аргентина, нивниот најголем ривал. Освен Бразил, место на Светското кадетско првенство во Македонија обезбедија и второпласираната Аргентина, како и репрезентацијата на Уругвај, која заврши на 3. позиција. Чиле и Парагвај останаа без пласман на кадетскиот Мундијал.

Македонија со титулата на кадетскиот ЕХФ шампионат во Литванија, го обезбеди своето место на Светското кадетско првенство. За потсетување, Грузија требаше да биде домаќин на најдобрите светски репрезентации, но поради политичката ситуација во тој регион, ракометниот сојуз на Грузија се откажа од својата намера.

Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) и ја препушти организацијата на Ракометната федерација на Македонија која има одлично искуство во организацијата на ваков тип на настани. Натпреварите на турнирот ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“ и во СЦ „Јане Сандански“.