Бојаниќ: Досега никој не нè надигра дома, нема да му дозволиме и на Вардар

Во 2. коло од плеј-офот во Супер лигата, Охрид го пречекува актуелниот шампион Вардар. Од таборот на охриѓани најавуваат беспоштедна игра на секоја педа од теренот.

Еден од најдобрите поединци во составот на Охрид, Владимир Бојаниќ, очекува тежок и неизвесен натпревар.

„Тоа ќе биде вистински спектакл и дерби натпревар. Ние нема да се предадеме како што не се предадовме ниту на еден дуел претходно. Никој досега во овие изминати шест-седум месеци не нè надигра надигра дома, па нема да му го дозволиме тоа и на Вардар. Во првиот дуел одигран овде во Охрид, до самиот крај беше нерешено, Вардар победи бидејќи има многу искусни играчи во составот. Тука се Стоилов и Манасков кои имаат освоено Лига на шампиони и кои долго време играат на врвно ниво. Кај нас имаше промени, но новите ракометари брзо се вклопија во тимот, тоа го покажаа и претходниот викенд во Битола. Очекувам овој дуел да биде сосема различен од двата одиграни во првиот дел од сезоната, бидејќи на трибините се враќа навивачката група Рибари кој ќе биде наш ветар во грбот. Имаше публика и претходно, но не е исто да играш со Рибарите и без нив. Како што кажав ќе биде неизвесно повторно, ние нема да се предадеме и се надевам дека бодовите ќе останат во Охрид“, изјави Бојаниќ.

Натпреварот помеѓу Охрид и Вардар се игра во сабота, 18 февруари, со почеток во 18:30 часот, во спортската сала „Билјанини извори“.