Ракометар од БиХ промени државјанство и ќе настапува за Словенија

Поранешниот кадетски репрезентативец на БиХ, Тарик Велиќ, во иднина одлучи да го носи дресот на репрезентацијата на Словенија.

20-годишниот ракометар најпрво ќе игра за младинската словенечка репрезентација, потоа селекторот на сениорската репрезентација Урош Зорман постепено ќе може да смета на неговите услуги.

Десниот бек од Маглај нема да има никаков проблем да настапува за младинската словенечка репрезентација, бидејќи беше дел само од кадетската репрезентација на БиХ.

„Среќен сум што имам можност да се борам за место во репрезентацијата на Словенија, се надевам дека сѐ ќе оди според планот и дека за неколку години ќе ја претставувам Словенија на големите натпреварувања. Најпрво ќе играм во младинската репрезентација, но во словенечкиот шампионат ќе се обидам да покажам добри настапи и да заслужам повик во сениорската репрезентација“, изјави Велиќ за Спортклуб.

Велиќ во Словенија пристигна пред четири години и ги засили редовите на Горење Велење, моментално го носи дресот на Слован Градец.

Со Горење Велење три сезони учествуваше на европска сцена, поточна во Европскиот Куп и во Лига на Европа.

Пред извесен период, младинскиот репрезентативец на Црна Гора, Мирко Латковиќ, кој се најде на списокот на црногорскиот селектор Владо Шола, исто така одлучи да настапува за Словенија, иако имаше можност да се избори за место во сениорскиот тим на својата татковина.