Босанската икона со критика кон Обрван: Ја направи најголемата грешка, сѐ можеше да биде поинаку…

Довчерашниот репрезентативец на БиХ, Никола Прце, кој својата репрезентативна кариера ја заврши пред неколку месеци, во интервју за босанскиот весник „Дневни лист“ зборуваше за неговиот престој во косовскиот шампион Беса, за проблемите во Ракометниот сојуз на БиХ и за резултатите на босанската репрезентација во последниот период.

Сениорската репрезентација на БиХ од месец март, 2021, па сѐ до крајот на февруари, 2022, беше предводена од поранешниот селектор на Македонија, Ивица Обрван. Сегашниот тренер на Загреб иако го продолжи договорот со репрезентацијата на БиХ на уште четири години, требаше да остане до 2025, сепак, поради неисполнетите обврски од страна на Ракометниот Сојуз на БиХ, мораше да си замине од тренерската функција.

Во времетраење од една година, Обрван ја подмлади репрезентацијата на БиХ и повеќе шанса им даде на младите играчи. Подмладувањето се одрази на резултатите, па така босанската репрезентација под водство на Обрван на Европското првенство во 2022 заврши на 23. позиција од вкупно 24 учесници.

,,Мислам дека Обрван ја направи најголемата грешка што го подмлади составот. Не може да се каже „новинарите сакаат млади“, па ајде нека играат младите, а потоа „новинарите сакаат искусни играчи“. Претпоставувам дека тренерот избира и одлучува. Не мораше да останеме без неколку одлични искусни играчи кои сѐ уште можат одлично да играат и да дадат многу. Сè можеше да биде многу поинаку”, изјави Прце за „Дневни лист“.

Легендарниот ракометар на БиХ за својата репрезентација одигра вкупно 199 официјални натпревари на големите натпреварувања и постигна 444 погодоци во репрезентативниот дрес.