Блесок на кадетската репрезентативка Емма Лазаревска – Македонија имаше претставник на „Партиле Куп“

На последното издание на најголемиот турнир во светот, „Партиле Куп“ во Шведска, свој претставник имаше и Македонија. Во Гетеборг настапи и шведската екипа Анкарет, каде што игра и кадетската репрезентативка на Македонија, Емма Лазаревска.

Нејзиниот тим се натпреваруваше во конкуренцијата за ракометарки до 16 години и беше елиминирана во четвртфиналната фаза.

Лазаревска, која има 15 години и е капитен на Анкарет, се прикажа во одлично издание и на четири натпревари од групната фаза постигна 20 погодоци, а на четвртфиналниот дуел уште четири, според статистиката на официјалната страна на „Партиле Куп“. Подели и 15 асистенции до своите колешки.

„Партиле Купот“ се игра на отворено, оваа година се одржа од 3 до 8 јули, а настапија повеќе од 1.400 тимови од повеќе од 50 земји во светот во десетина категории во машка и женска конкуренција. Беа одиграни повеќе од 5.000 натпревари на 70 терени.

Формата на Лазаревска, која игра во Шведска може само да го радува селекторот Кристијан Грчевски во пресрет на Европското првенство за кадетки во Црна Гора. Македонија од 3 до 13 август за ривали ќе ги има селекциите на Романија, Унгарија и Франција.