Бабиќ: Ним е цврста и брза екипа, мора да бидеме прецизни и тактички добри

Екипата на Еурофарм Пелистер утре го игра натпреварот од 1. коло против тимот на Ним во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, а ова ќе биде голем предизвик на момците уште на стартот од новата сезона во Лигата на Европа.

Сите се свесни за она што претстои така што се подготвени за натпреварот на кој ќе треба да се даде максимум.

„Добро се сеќавам кога игравме против Нексе и имаше полна сала и се навиваше. Жедни сме за емоцијата и за полна сала. Спортот се игра за луѓето и се радувам за ова. Се надевам дека заедно ќе се радуваме после натпреварот“, вели тренерот Жељко Бабиќ.

Играта на Ним е веќе простудирана и е добро познато ќе претстои на теренот на утрешната пресметка. Нема да биде воопшто лесно, но на вакви дуели треба да се покаже најдоброто.

„Франција е постојано во напредок имаат одлични играчи и на национално ина клупско ниво. Ни претстои тежок натпревар на кој мораме да бидеме многу прецизни и тактички добри. Ним е неверојатно цврста и брза екипа. Во одбрана комбинира 6-0 со 5-1. Има многу истрчувања со брз центар и брза транзиција преку десно крило и десен бек кои доминираат во таа фаза на играта. Во нападот не постојат многу комбинаторики. Се игра 1 на 1 и тоа е карактеристика на репрезентацијата на Франција што беше применето и во клубот. Има многу контакти, трчања, многу борба мораме да бидеме на многу поинакво ниво отколку што сме навикнати за натпреварите во Европа и во домашно првенство“.

Во оваа сезона Еурофарм Пелистер исто како и Вардар е вклучен во домашното првенство уште од почеток на сезоната.

„Натпреварите од домашното првенство дадоа нешто, но Европа е друго ниво. Добро ни дојде натпреварот во Охрид бидејќи беше многу тешка и емотивно и физички и таткички. На овие две средби пробавме да играме со седум играчи, а тоа ќе зависи од натпреварот. Во зависност од текот на играта ќе процениме колку е потребно. Имаме наши проблеми, а Ним има свои. Затоа натпреварот против Охрид ни дојде одлично за да можеме да видиме каде да поправаме“, коментира Бабиќ.

Натпреварот се игра со почеток во 20:45 часот, а на тимот на Еурофарм Пелистер е да го покаже најдоброто уште на стартот од сезоната.