Бабиќ: Врвниот спортист не размислува што било пред три дена, фокусиран е да го победи следниот натпревар

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува натпреварот против францускиот Ним во рамките на Лигата на Европа.

Тренерот Жељко Бабиќ очекува дека за разлика од дуелот во Битола, кој Ним го доби со 21-26, сега ќе биде поинаку.

„Сигурно дека добродојдени беа натпревари кои ги игравме месецов. Еден од проблемите е што не бевме комплетни и не можевме да вежбаме што подготвивме. Сепак, во секој случај добро е што игравме и тоа ќе ни помогне против Ним. Тие се физички јака екипа, играат многу „еден на еден“ и многу трчаат. Впрочем, играат француско првенство, кое има свои карактеристики. Ние можеби го одигравме најлошиот натпревар против нив во првиот дел на Европската лига. Имаа изразито расположен голман, кој ни даде и три гола, и собра десет одбрани во првиот дел. Со една таква моќна екипа ние немавме шанси. Мислам дека ќе биде овојпат поинаку. Ние сме ментално многу цврсти, спремни и имаме наши шанси. Сепак, мора да бидеме спремни да играме шеесет минути, да бидеме тактички дисциплинирани, фокусирани на задачите, да бидеме цврсти во дуелите и да не заборавиме кои се нивните карактеристики. Сакаме и верувам дека можеме да извлечеме позитивен резултат. Ним е многу цврста екипа, игра „еден на еден“ и во одбрана и во напад. Имаат одлична транзиција, контра од страна на десното крило и одличен голман, кој форсира контранапади. Лесно нè победија во Битола, но потоа се мачеа во групата. Но, тоа се случува кога противниците престанаа да играат кога тие поведоа со 4-5 разлика. Моите играчи знаат дека многу важно е да продолжат да играат ако се случи резултатски пад. Резултатски пад е дозволен, но ментален и тактички пад не смее да ни се случи. Оние кои тоа го задржаа, тој ритам на играње, тие на крајот го стигнаа Ним и играа тесни натпревари до крајот“, вели Бабиќ.

По тој пораз од Ним, Еурофарм Пелистер нема доживеано пораз.

„Тоа што имаме добра залиха, не е плус за екипата. Добро е за клубот и за нашата иднина, но екипата поинаку размислува. Во потсвеста екипата знае дека направи голем дел од работата, но тоа не смее да биде крај. Јас имам обврска да ги натерам да размислуваат за следниот натпревар, а не она што се случувало во минатото. Врвниот спортист не размислува што било пред три или пет дена, фокусиран и ангажиран е да го победи следниот натпревар. Ние тоа го покажавме, еве веќе четири месеци сме без пораз. Еурофарм Пелистер ментално е цврст, со силен фокус, и без разлика на постигнатото, ние имаме уште многу да играме. Треба да играме за титули и да оствариме добра позиција во групата, па потоа до каде што ќе стигнеме. Добро е што остваривме големи работи во Европската лига, но сега треба да играме за тоа за што дојдевме. А тоа е да освоиме уште некој трофеј, или можеби два, и да стигнеме што е можно подалеку во Европската лига, бидејќи имаме добра шанса за тоа“, заврши Бабиќ.

Натпреварот меѓу Ним и Еурофарм Пелистер се игра утре со почеток во 18:45 часот.