Арпад Штербик станал ракометен голман поради овој македонски репрезентативец

Едно од најпознатите ракометни имиња во историјата на овој спорт е легендарниот чувар на мрежата Арпад Штербик. Освојувач на повеќе од 30 трофеи, вклучувајќи ги четирите титули во Лигата на шампионите 2006, 2008, 2009 и онаа добропознатата со Вардар во 2017 година, шест медали од големите натпреварувања со националните тимови за кои настапуваше (Југославија и Шпанија), ИХФ најдобар ракометар на светот за 2005 година, освојувач на ЕХФ Челенџ Купот 2001 година, како и освојувач на огромен број тутули во домашните натпреварувања на Унгарија, Шпанија и Македонија.

Ретко кој од љубителите на ракометот не е запознаен со овие факти, но еден интересен детал од кариерата на Штербик е посебно интересен за македонските навивачи. Имено, Штербик е роден во малото место Ада кое се наоѓа во Војводина,( Србија) а е населено со мнозинско унгарско население. Во ова мало градче ракометот бил и е спорт број 1, па така Штербик поради својот татко кој исто така бил ракометар пораснал покрај ракометните терени.

Во Ада се одржувале многу ракометни натпревари на кои настапувале голем број ракометари, а еден од нив со своите одбрани и стил на бранење посебно го привлекол вниманието на Штербик. Станува збор за поранешниот македонски репрезентативен голман Шандор Ходик.

Во тоа време гледав многу натпревари во моето место Ада, а на еден од нив моето внимание со своите одбрани и голманскиот стил кој го имаше го привлече голманот на Македонскиот национален тим, Шандор Ходик. На некој начин тој беше и причината поради која станав ракометен голман-изјави Штербик за ЕХФ.

Шандор Ходик е легендарен поранешен македонски репрезентативец, кој од 1998 до 2004 ги бранеше боите на македонската ракометна репрезентација, со која настапи на ЕП во 1998 во Италија и СП во 1999 во Египет. Легендарниот голман долго време го бранеше голот на Пелистер.