Аргентински голман на чекор до потпис со Барса

Голманот на репрезентацијата на Аргентина, Лионел Мациел во интервју за „Мундо Депортиво“ изјави дека најверојатно својата кариера ќе ја продолжи во Барселона.

Се очекува искусниот голман на Куенка во Барселона да биде замена за голманот во заминување, Кевин Мелер.

Помеѓу двете страни се уште нема договор, но се очекува договорот да биде постигнат и Аргентинецот да потпише на една сезона во шпанскиот гигант.

„Мојот сон е да играм за Барселона. Играњето и самиот тренинг во овој тим е инспиративно за мене. Секогаш одењето кон највисокото ниво е предизвик. Да видиме како ќе се одвиваат работите, се ближи крајот на сезоната и наскоро ќе има нови новости. Го немам потпишано договорот со Барселона, во тек се само преговори со клубот. Имам желба да играм во Барселона, но засега чекам”, изјави Мациел.

Емил Нилсен од Нант ќе ја засили голманската позиција во Барселона во 2022 година, па клубот бара преодно решение за само една сезона. Стандардниот голман, Гонзало Перез де Варгас и понатаму останува како прв голман во каталонскиот клуб.