Андреев: Шишкарев ми даде многу совети, сигурен сум дека брзо ќе научам македонски јазик

Рускиот репрезентативен пикер, Павел Андреев од следната сезона ќе го засили Вардар на линијата од шест. Русинот до сега во својата кариера играше само за Чеховски Медведи и освои девет титули шампион на Русија.

За рускиот сајт „Брз Центар“, Андреев говореше за повеќе теми меѓу кои беше и за трансферот во Вардар и неговите очекувања од Скопје.

„Разговарав со мојот агент кој ми рече дека не треба да мислам за ништо, само опуштено и смирено. Сите документи ќе ги средиме многу брзо бидејќи Македонија не е ЕУ. Порано морав да патувам за да потпишам договор, сега ми пратија договор по пошта, го потпишав скенирав и врати и потоа ми стигна уште еден потпишан и од директорот на Вардар“, објасни Андреев.

Пред Андреев да пристигне во Вардар многу руски ракометари настапуваа во црвено-црниот дрес кои му дале многу совети за животот во Скопје.

„Не сум првиот ниту последниот и разговарав со момците од репрезентацијата со Атман, Горпишини, а Шишкарев ми даде совет во кој дел на градот да изнајмам стан. Сега имам задача да го организирам патувањето до Скопје, како да стигнам таму, најсоодветен е летот преку Истанбул. Ми требаат три билети, за мене, сопругата и ќерка ни. Таа во октомври ќе полни три години и се распрашав за градинка во Скопје. Ми кажаа дека има една каде што сите ракометари ги носат своите деца и дека англискиот јазик се учи многу добро таму“ рече Андреев.

Андреев смета дека јазикот нема да биде никаква бариера бидејќи уште сега речиси разбира се и дека многу му е важно што ќе игра Лига на шампиони.

„Сè уште не можам да зборувам но разбирам околу 90 проценти. Дефинитивно ќе научам, сите пред мене зборувале па и јас мислам дека не сум полош од нив. Штом ќе стигнам во Македонија ќе се погрижам за тоа. Играњето во Лигата на шампиони е важно за мене, убаво е да се вратам и да бидам повторно дел. На пример во послкиот Азоти максимумот е Европската лига, додека Вардар е дел од најсилното натпреварување“, рече Русинот.

Павел Андреев потпиша со Вардар на една година со можност за продолжување уште една и се очекува да биде вистинска замена на заминатите играчи и добро засилување на пикерската позиција.