Андоновски: Со силна поддршка од навивачите можеме да го изненадиме Вардар!

Осоколени после победата во првото коло од плеј-офот, остварена на гостински терен кај Еурофарм Пелистер 2, ракометарите на Охрид го пречекуваат актуелниот шампион Вардар, кој исто така со победа ги стартуваше натпреварите од разигрувањето за титулата.

Средниот бек на Охрид, Даниел Андоновски, очекува цврст натпревар и битка до самиот крај.

Младиот ракометар вели дека со добра игра во одбраната и со силна поддршка од навивачката група Рибари, која се враќа на трибините, може да направат изненадување.

„Ни гостува двократниот европски и актуелен шампион на Македонија, Вардар. Ќе се бориме до последен здив, за секоја топка. Претходно одигравме два солидни натпревари против нив, пруживме силен отпор, за жал ги загубивме тие натпревари, се надевам дека ќе ја повториме играта, ќе одиграме максимално сконцентрирано, со 100 проценти од нашите можности и ќе освоиме бодови. Очекувам во главна улога да биде одбраната и мислам дека ако одиграме добра одбрана ќе имаме голема шанса да стигнеме до изненадување во овој натпревар. Очекувам полна сала, со враќањето на Рибарите атмосферата ќе биде пеколна. Тие ни беа од голема помош за да стигнеме до победата во Битола, се надевам дека и овој пат ќе биде така“, изјави Андоновски.

Натпреварот помеѓу Охрид и Вардар се игра во сабота, 11 февруари, со почеток во 18:30 часот во спортската сала „Билјанини извори“.