Андоновски и Пецаковски верни на Пролет, остануваат и следната сезона

Капитенот на екипата на Пролет, Ласко Андоновски останува во овој тим и во продолжение од својата кариера. Тој е еден од најстандардните ракометари во екипата и играч кој долго го носи дресот на Пролет така што ќе биде еден од клучните играчи и во сезоната која следува.

Андоновски се обврза на верност кон Пролет на уште две години така што позицијата среден бек е решена со неговото останување.

Како што најави 24Ракомет договорот го продолжи и еден од поискусните ракометари во првенството, Дејан Пецаковски. Играчот кој дојде од Металург покрај тоа што е еден од оние кои имаат голема улога во одбраната има простор и во нападот, па ќе биде секако од голема помош искуството кое го има и во новата сезона.

Пецаковски ја продолжи соработката со тимот на Пролет на уште една сезона, но постои опција и за натамошно продолжување.

Од клубот дефинитивно си заминуваат Петар Ангелов и Никола Потиќ така што ќе треба да се пронајдат засилувања на позициите десен бек и голман.