Алушовски: Очекувам цврста и машка борба, Мешков е сериозен ривал

Ракометарите на Вардар ги очекува последниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите против Мешков Брест.

Тренерот на „црвено-црните“, Стевче Алушовски, вели дека најважно е формата да се крева и да се докажуваат на секој натпревар.

„За нас е последен во групната фаза од Лигата на шампионите сезонава. Важен натпревар за нас, и ако се биде според најавите би требало да бидеме на 6. место на табелата и би играле веројатно со Кил. За нас е најважно што треба да ја подигаме формата, да се докажуваме на секој натпревар. Она последното гостување во Украина не бевме на нивото на кое треба да сме. Можеби од објективни причини, бевме без неколкумина, но немаме оправдување. Очекувам во четврток машка и цврста борба што ќе ни даде поголеми шанси Мешков сезонава го победи ПСЖ, играше нерешено и со Флензбург. Таму Сташ Скубе е лидер на екипата. Имаат 16 играчи на секоја позиција. Сериозен противник против кого треба сериозно да пристапиме. Оваа сезона ова 6. место би било заслужено, имавме неколку несреќно загубени натпревари, и кога ќе сумираме групна фаза треба да бидеме задоволни и да се спремите за осминафиналето“, вели Алушовски.

Натпреварот меѓу Вардар и Мешков Брест се игра утре во СЦ „Јане Сандански“ во 18:45 часот.