Стевче Алушовски за ГРУПА А: Шпанија е фаворит, Иран со карактерот на Вујовиќ по изненадување

Oсум групи за осум истакнати тренери, сегашни и поранешни селектори. Поранешниот македонски репрезентативец, спортски директор и актуелен тренер Стевче Алушовски, повторно е во Македонија откако ја заврши својата ракометна мисија на Исланд. Тој има најдолг стаж во македонската ракометна репрезентација, а успешната ракометна кариера ја градеше на левата крилна позиција во Вардар, Пелистер и Металург. Потоа го предводеше стручниот штаб на Еурофарм, Пелистер и Вардар, пред да ја започне интернационалната кариера. За 24Ракомет Стевче Алушовски ја анализира групата А.

Групата А ја предводи актуелниот европски вицепрвак и бронзените од светското во Египет 2021, репрезентацијата на Шпанија. На ова Светско првенство кое обезбедува квалификации за Олимписки игри тие се фаворити. Ја гледам Шпанија како полуфиналист и покрај сите промени во селекцијата. Фанатизмот и борбениот дух на секој репрезентативец на Црна Гора е предност на оваа селеција и шанса за второ место во групата. Најголемата сила на Иран е нивниот селектор Веселин Вујовиќ, а првиот натпревар со Чиле ќе ја исцрта мапата за пласман во втората фаза.

🇪🇸 ШПАНИЈА 🇪🇸

Десното крило Гомез е повреден. Тоа е мал хендикеп. Кога е Жорди Рибера во прашање ништо не е тешко. Тој секогаш сака „да извади“ најдобро од шпанската репрезентација и „да извади“ најдобар систем. Од ростерот не се откажал од никој. Шпанија има доволно квалитет да бидат во полуфиналето. Според мене се фаворити за првото место во оваа група.

Исто така во вториот круг очекувам да играат против Франција, Словенија и Полска. Со Словенија и со Полска се  фаворити, а со Франција секогаш играат неизвесно и со пренесени четири бода и со една победа или две во вториот круг се сигурни патници во четвртфиналето. Според нивниот селектор нивна главна цел е да бидат во четвртфиналето и да одат чекор по чекор.

Мал проблем во пресметките на селекторот може да бидат Касадо и Тарафета како организатори на играта. Тие и покрај тоа што добро играа на последно ЕП, не се од калибарот на Сармиенто, Чема Родригез, кои играа пред нив.

🇲🇪 ЦРНА ГОРА 🇲🇪

Црна Гора беше најпријатното изненадување на последното ЕП каде го освои 11.место. Тоа е репрезентација која со доаѓањето на Зоран Рогановиќ има континуитет на големи натпреварувања, притоа многу лесно се пласираше на ова Светско првенство. Познавајќи го селекторот Рогановиќ тој максимално е посветен на ракометот и ќе се обиде тоа да го пренесе на репрезентацијата. Една добра воинствена атмосфера ќе биде присутна како на натпреварите така и на тренинзите.

Главните играчи се дел од врвни европски клубови, мислам на голманот Симиќ и на Бранко Вујовиќ.

Недостаток е тоа што играчите од европските клубови ќе се приклучат на 4 јануари, подоцна во однос на другите селекции од групата Шпанија, Иран и Чиле кои ќе стартуваат десет дена порано. Меѓутоа фанатизмот и борбениот дух на секој репрезентативец на Црна Гора кога ќе го облече дресот, заедно со селекторот се предностите на оваа селеција. Очекувам ако ги повторат игрите од претходното ЕП да го освојат второто место во групата. Првиот натпревар против Шпанија е важен како ќе се „отвори“ првенството. Очекувам неизвесен натпревар и покрај тоа што Шпанија не била под 7. место.

Црна Гора очекувам да играат 6-0, понекогаш 3-2-1, со трансформација во 4-2 агресивна. Најголемата победа откако е селектор Рогановиќ, беше победата кога со зоната 3-2-1 се трансформираше во 4-2, не е исклучено во зависност од противникот да бидат со променлива одбранбена формација, а за брза трансформација го имаат Милош Вујовиќ (најдобро лево крило во светот).

🇮🇷 ИРАН 🇮🇷

Тоа е репрезентација која е тотална непознаница за мене. Од разговорите со Веселин Вујовиќ и тоа што го слушнав од него, ова е репрезентација со голем потенцијал, со добри играчи кои пред се имаат добри физички предиспозиции. Она што очекувам е карактерот на Веселин Вујовиќ да биде и карктер на оваа екипа. Тоа би значело цврста и бескомпромисна игра во одбрана, брза транзиција.

Напад со многу комбинаторика. Очекувам да играат 6-0 или не е исклучено 3-2-1, со трансформација и во 6-0 или во 4-2, со што Вујо би се обидел да го изненади противникот од групата, репрезентации кои се со поголем рејтинг пред се Шпанија и Црна Гора. Првиот натпревар е Иран – Чиле е клучен и ќе се знае патникот во вториот круг. Максимален домет на оваа репрезентација ако направи изненадување е вториот круг и не очекувам да биде во четвртфинале.

Очекувам интересен и неизвесен натпревар со Црна Гора. Пред сè Вујовиќ е Црногорец, добро ја познава таа репрезентација и добро го познава селекторот Зоран Рогановиќ (тој е еден од менторите на Рогановиќ). Шансата на Иран за пласман во вториот круг се дуелите со Чиле и Црна Гора. Најголема сила е нивниот селектор.

🇨🇱 ЧИЛЕ 🇨🇱

Репрезентација што никогаш не поминала втор круг, но е постојан учесник на Светските првенства. Репрезентација со епизодна улога. Но, со промената на селекторот и носење шпански тренер и екс играч на Барселона Аитор Етчабуру. Ангажманот на шпански тренер за селектор на селекции од Јужна Америка е заради јазичната бариера и затоа што најголемиот дел од играчите доаѓаат од екипи кои играат во Шпанија и Португалија.

Меѓудругото и заради тој „шпански систем“ што се игра во екипите од овие држави. Носители на играта се браќата Фојтман, а едниот игра во одлична форма во Тунис.  Чиле е аутсајдер во оваа група. Иран и Чиле ќе се борат за третото место во групата.

Што се однесува до конечниот поредок на овој светски шампионат освен Шпанија фаворити за висок пласман на овој турнир се Шведска, Данска и Франција, а фаворит од сенка Исланд и Норвешка. Секое СП носи изненадувања, но овие репрезентации ќе го имаат последниот збор.