Алкалоид запиша прв триумф

По ремито кај Тиквеш и поразот во Битола кај Еурофарм Пелистер, тимот на Алкалоид ја забележа првата победа во суперлигашкиот плеј-оф, откако во Автокоманда славеше против Пролет со 27-21. Гостите парираа, но недоволно за да бидат закана по триумфот на домашните ракометари, кои иако не одиграа на највисоко ниво, сепак ги освоија бодовите.

Со трите погодоци на македонскиот репрезентативец Mладеновиќ домаќините отворија со водство од 3-0, но Пролет не го поколеба лошиот старт и момците на Алексо Лембанов израмнија на 4-4.

Трајкоски фати неколку топки, па новиот суперлигаш ги казни грешките на Пролет и одново беше на плус три, 7-4. Беше и 9-5, Лембанов се обиде со тајм-аут да го измести домашниот тим од ритам, но не успеа.

Во продолжение домашните ги одржуваа четирите гола предност, а Донев се погрижи за негативата на Пролет да биде само три погодоци на полувремето и стрелаше за 12-9 на пауза.

Во вториот дел избраниците на Кире Лазаров со серија од четири гола по петнаесетина минути игра стигнаа до највисоки плус седум, 20-13 и помислија дека победата е веќе обезбедена.

Но црвен картон доби Александар Петковски откако го погоди голманот Михајлевиќ во глава од пенал, а потоа исклучен беше и Стојков поради ист случај. Тоа го искористи Пролет кој не се откажуваше и намали на 20-16.

Лазаров мораше да бара тајм-аут, па неговите избраници во следниот период го решија победникот на овој меч. Митев, Ѓоргиев и Серафимов погодуваа, Пролет немаше многу решенија во нападот и домаќините се одлепија 25-17.

Веќе беше јасно кој тим ќе ги освои бодовите на овој меч и во последните пет минути се играше само рутински. По пет гола за домашниот тим дадоа Серафимов и Младеновиќ, а четири пати стрелаше Митрев, додека кај Пролет, Димковски и Андоновски постигнаа по четири погодоци.