„Ако има ризик по моето здравје – ќе ставам крај на кариерата“

Русинот кој настапува во првенството на Полска, во екипата на Висла Плоцк, Константин Игропуло во интервју за рускиот tass.ru говореше за можноста да ја заврши кариерата по крајот на сезонава.

Претходно се споменуваше можен трансфер во Спартак Москва но Русинот ги демантираше ваквите гласини. Сепак голема улога во неговата одлука имаат повредите и лекарите кои треба да го дадат последниот совет.

„Сакам да верувам во најдоброто, но доколку лекарите проценат ризик по здравјето ќе мора да ја завршам кариерата. Доколку немаше ограничувања веќе ќе имав направено консултации со лекарите и ќе ја имав донесено одлуката“, рече Игропуло.

По завршување на играчката кариера Игропуло планира да продолжи да работи како тренер, но сака да започне за почеток од пониските лиги или како помошник со оглед на тоа што смета дека не е подготвен да биде прв тренер во некој голем клуб.

„Тука во Полска работам со деца и полека стекнувам тренерско искуство. Да работам како тренер е една од можните опции, но треба добро да се подготвам. Сè уште се чувствувам како играч и сакам да сум на теренот. Ако започнам тренерска кариера тоа ќе биде како помошник или во некој помал клуб, не сум подготвен да станам главен тренер на некој квалитетен прв тим. Тоа е огромна одговорност, споредлива со онаа што ја преземаат лекарите“, коментираше Игропуло.