Адвокат Анастасијевиќ: Арбитражниот Суд на ЕХФ го потврдува тендециозното и непрофесионално постапување на комисиите на РФМ

Со една ваква одлука арбитражниот суд при ЕХФ сака да им стави до знаење на федерациите кој треба да биде на пиедесталот и кој треба да биде во фокусот на спортот. Одлуките да бидат носени во една законита постапка со точно утврдена матерјална вистина и подеднаков третман на странките во постапкатa, вели адвокатот Горан Анастасијевиќ кој се занимава и со спортското право и бил вклучен во повеќе случаи на спортисти пред домашните и меѓународните органи.

По објавувањето на одлуката од Арбитражниот Суд на ЕХФ и поништувањето на двете одлуки на комисите на РФМ (Дисциплинска и Комисијата за жалби) и по неколку денови од македонската куќа на ракометот нема одговор како ќе постапат по истата. Марјан Начевски, кој во мај лани беше доживотно исклучен од членство во РФМ минатата недела објави дека Арбитражниот Суд на ЕХФ ја поништил одлуката донесена од органите на РФМ и дека тој повторно се враќа како делегат во македонскиот ракомет, но и на интернационална сцена.

Ова е првпат одлука на РФМ да биде поништена од страна на Арбитражен Суд на ЕХФ кој неколку месеци работеше на случајот и Судот едногласно донесе одлука во корист на Марјан Начевски. Одлуката доаѓа токму пред одржувањето на редовното Собрание на РФМ закажано за 7 мај во Скопје.

24Ракомет испрати писмено барање до РФМ, со прашања: дали ја добиле одлуката на Арбитражниот Суд на ЕХФ?, што значи таа одлука, и како ќе постапи РФМ во овој случај?

РФМ се уште нема став по објавата на Начевски во врска со одлуката од Виена. Ниту на интернет страницата на РФМ е објавено дека има Арбитражна разврска на спорот што го иницираше Начевски пред ЕХФ. За исклучувањето на Начевски РФМ експресно информираше во мај лани.

Адвокат Горан Анастасијевиќ кој се занимава и со спортското право и бил вклучен во повеќе случаи на спортисти пред домашните и меѓународните ограни, за одлуките на Арбитражниот Суд на ЕХФ, и нивното значење вели.

„Согласно член 24 од статутот на арбитражниот суд, Одлуката на арбитражниот суд на ЕХФ е конечна. Арбитражната одлука е конечна и извршна, без можност за поднесување жалба – одлуката во целост ја заменува пресудата на редовниот суд и се извршува во согласност со законот со кој е уредена извршната постапка доколку нема доброволно извршување од страната која ја изгубила арбитраажата во случајов РФМ, вели Анастасијевиќ.

Тоа значи дека РФМ ќе мора да ги почитува и извршува одлуките на овој Суд.

„Имајки во предвид дека Арбитражниот суд при ЕХФ е конституиран од самата ЕХФ, а РФМ ги признава сите одлуки и акти на ЕХФ и ИХФ согласно член 3 од статутот на РФМ, одлука на Арбитражниот суд при ЕХФ произведува правно дејствие и е обврзувачка за РФМ, вели Анастасијевиќ.

Одлуката на Дисциплинската комисија на РФМ Начевски да биде доживотно исклучен од членство беше потврдена и од Второстепената комисија на РФМ. Но, истите одлуки со едногласна одлука на Арбитражниот Суд беа поништени. Тоа ја отвара дилемата како работат комисиите во македонските спортски федерации. Во овој случај секако на тапет се Дисциплинската комисија на РФМ и Комисијата за жалби, и тоа дали освен случајот на Начевски можеби има и други одлуки кои можат да паднат на меѓународен суд. Само што Начевски бил решен правдата да ја бара на меѓународен суд.

„Со донесената Одлука, Арбитражниот суд при ЕХФ само го потврдува непрофесионалното и не сакам да помислам дека во спортот е можно тенденциозно постапување на надлежните комисии, конкретно Дисциплинската комисија при РФМ. Тенденциозно постапување на членовите на комисијата провејува во образложението на првостепената и второстепената одлука кои не утврдувајки ја точната фактичка состојба, не земајки ги во предвид сите олеснителни и отежителни околносто и конечно немајки ја во видокруг основната функција на казнувањето – превенцијата, при што целта на казнувањето би се постигнала и со искористување на некоја од поблагите мерки предвидени во Дисциплинскиот правилник на РФМ, а не како во конкретниов случај со носење на драконски репресивна одлука за недокажан вербален деликт, доживотна суспензија“, смета Анастасијевиќ.

Според него „Со една ваква одлука арбитражниот суд при ЕХФ сака да им стави до знаење на федерациите кој треба да биде на пиедесталот и кој треба да биде во фокусот на спортот. Одлуките да бидат носени во една законита постапка со точно утврдена матерјална вистина (фактичка состојба) и подеднаков третман на странките во постапкат“, вели Анастасијевиќ.

Во сабота во Скопје е закажано и Редовното Собрание на РФМ, на кое очекуваме некоја од комисиите на РФМ да даде објаснување за одлуката и како ќе постапат по истата.

Марјан Начевски се враќа во ракометот: РФМ загуби на Арбитражниот суд на ЕХФ